Синдилиев: Македонија – неискористен потенцијал за привлекување на туристи
Пишува: Димитар Синдилиев – Заменик координатор на Левица – Сектор политичка економија
Во македонскиот туризам изминативе години недостасува ефикасност и конкретни акции од страна на Владата пред заминување. Немањето координација помеѓу институциите и недостатокот на конкретни стратегии и инвестиции, се’ поголемото уништување на националните богатства и узурпација на природата се главните причини за стагнација во развојот на туризмот. Инвестирање во еколошки, културен и рурален туризам скоро и да не постои. За да привлечеме странски туристи во Македонија, потребно е да се преземат низа мерки кои ќе го подобрат туристичкиот сектор и ќе го направат поатрактивен за посетителите. Основни мерки кои треба да се преземат се:
Маркетинг и промоција: Наместо СДС-ДУИ да сесебепромовираат со „субвенција“ на сметките за режиски трошоци на граѓаните, треба да се фокусира во промоција на природните убавини на Македонија. Кампањите треба да целат на потенцијални туристи од различни земји преку веб-страници, социјални медиуми, туристички саеми и слично.
Инфраструктура и услуги: Наместо Владата да се занимава со местење на разно-разни тендери во туристичките центри, треба да работи на подобрување на инфраструктурата и услугите кои се основен предуслов за привлекување на туристите, а се и првото нешто што туристите го доживуваат со самото пристигнување. Ова вклучува развој на патишта, состојба на хотели и ресторани, развој на атрактивни туристички региони, соодветна инфраструктура за рекреација, како и поставување стандард на услуга и следење на истата.
Визни процедури: Наместо да се умилкува на странските газди и да забранува влез на луѓе од одредени земји, Владата треба да ги олесни и да ги забрза визните процедури за странските туристи од Русија, Индија, Кина и други земји кои подлежат на визен режим. Постапките треба да бидат едноставни, брзи и ефикасни, за да ги олесниме препреките за патување на туристите што сакаат да ги посетат нашите дестинации.
Престижни настани и културни манифестации: Наместо да се расфрла со милиони за Рамковни манифестации, Владата треба да организира и да поддржува настани и културни манифестации кои ќе бидат АТРАКТИВНИ за странските туристи. Евенти од типот на музички, филмски или книжевни фестивали, спортски натпревари, саеми и изложби на традиционални производи итн.
Природни и културни богатства: Наместо да ги уништува националните природни богатства за сопствени цели, дуото СДС-ДУИ треба да презема мерки за заштита и одржување на природните и културните богатства на Македонија. Професионални стручни водичи, читливи информативни табли и слични услуги треба да бидат подостапни за странските туристи, што ќе го зголеми нивниот интерес за посета.
Доколку се тргне од овие базични чекори за развој на туризмот Македонија би можело да стане многу попривлечна и попосакувана дестинација за туристите од сите делови на светот. Самото привлекување на што поголем број туристи , не само што ќе влијае поволно на македонската економија туку ќе придонесе и за нови повисоки скалила во развој на туризмот. Македонските туристички капацитети нема да бидат неискористен потенцијал кој пропаѓа или е узурпиран од мала група луѓе на кои им се битни само личните интереси туку ќе прераснат во посакувани дестинации кои носат бенефит за државата и народот.