Ванковска: Вистинската опозиција ја сочинуваат двајца пратеници
- Во колумна за Нова Македонија, насловена „Двајца во опозиција или смртта на парламентот“, професорката Билјана Ванковска, доктор на политички науки, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, ги коментираше случувањата во Собранието на РМ. Според професорката, парламентот е многу далеку од инструмент кој што ја контролира власта, опозиционерите се или капитуланти или колаборационисти, а само двајца пратеници остана кои со вистинска борба се спротиставуваат на лудостите на квислиншката власт. Во прилог ви го пренесуваме овој дел од колумната на професорката.
Да, како професорка што предава политички систем, но и како активна граѓанка, и јас би сакала парламент како што го замислуваше Џон Стјуарт Мил. Според него, парламентот постои (не толку заради дебата) колку заради одржување на власт на оние што работат за општото добро, односно за исфрлање на клоци на неранимајковците (според неговите зборови). Идеалната претстава за парламентот е дека тој го претставува народот, нас, граѓаните од кои извира власта и нивната главна задача е да го почитуваат тој глас – vox populi!
Но нештата се извртеа (и не само кај нас туку во сите божем зрели демократии): пратениците стануваат посебна каста, привилегирана и таква што очекува почит и се вознемирува од критики (дури и кога „лапаат“ дневници, патарини, огромни плати зголемени за 78 отсто и сл.). Тие не се ни свесни дека ние одамна престанавме да ги гледаме нивните бесмислени дебати, бидејќи крајниот резултат одамна ни е познат.
Божемните опозиционери се или капитуланти или колаборационисти (антиципираат победа на наредните избори, па си ги редат картите како што им чини во дослух со власта, која исто така се надева дека ќе си остане каде што е). Неверојатно е дека од 120 пратеници не можете да видите, на пример, предлог за донесување закон, или уште помалку претставка пред Уставен суд.
И сега доаѓаме до ДВАЈЦАТА! Доаѓаме до ИСКЛУЧОКОТ од правилото на „финиот парламент“. Тоа се Апасиев и Крмов, кои брануваат до последниот атом на (физичка и ментална) сила. Треба ли да набројувам колку амандмани поднесоа (не само за деловникот), колку предлози на законски решенија, декларации и резолуции, иницијатива за распишување референдум, претставки до Јавното обвинителство, Управниот и Уставниот суд?
Па, барем 3 отсто од пратениците да работеа со таков жар и посветеност на правдата и правото, парламентот немаше да стане карикатура на самиот себе! Дури и да беа надгласувани, ќе го задржеа дигнитетот. Ние, нивните гласачи, ќе знаевме дека некој го артикулира нашиот интерес, глас, ама и гнев.
Од понеделникот вечер можеме да зборуваме за нашите парламентарни „Термопили“ – метафорички кажано, местото што требаше да се брани со својот (политички) живот докрај, по цена и да се плати највисока казна.