Откако ја „направи“ пругата кон Бугарија – Бочварски ќе потпише и Меморандум за изградба на пруга и кон Србија
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека утре со македонскиот колега Благој Бочварски ќе потпише Меморандум за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, за што двете земји заеднички ќе побараат средства од ЕУ.
„Ќе потпишеме Меморандум со Македонија и јас сум особено горд на тоа“, нагласи Весиќ во изјава за белградски медиуми.
Тој изјави дека во тек е проектирањето на делницата Ниш – Прешево, долга 135 километри, а македонските партнери ќе ги проектираат „своите“ 50 километри од границата до Скопје.
Потсетуваме дека Владата на 20 јули 2022 година потпиша договори со фирмите „Штрабаг“ и „Ѓулермак“ за изградба на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија. Со тоа, како што кажаа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и тогашниот директор на Македонски железници и инфраструктура Хари Локвенец, конечно почнува реализација на децениски најавуваниот проект за пруга кон Бугарија.
Според планот првата делница ќе ја гради фирмата „Штрабаг“, ќе биде во должина од 31 километар, ќе чини 40,5 милиони евра и рокот на изведба е 24 месеци. Втората делница во должина од 34 километри од пругата кон Софија ќе ја гради фирмата „Ѓулермак“, со рок на изведба од 36 месеци. Ќе има две железнички станици и три стојалишта, а ќе чини 155 милиони евра.
Од потпишувањето на договорот за пругата кон Бугарија кој треба да биде завршен за 24 месеци, до сега поминаа 16, но засега од изградбата се реализира како и претходните 30 години, интензивни градежни активности не се забележуваат, а граѓаните се сомневаат дека реализацијата ќе биде на ниво како автопатот Кичево-Охрид. Парите за изградба на оваа пруга се обезбедени преку кредит односно задолжување од Европската банка за обнова и развој.