АктуелноЛокално

Европската комисија со критики до власта за борбата против семејното насилство

  • Реакција на Политичката партија Левица

Најновиот Извештајот на Европската комисија (ЕК) изобилува со сериозни критики кон (не)работењето на власта предводена од ДУИ и СДС. Од година во година ЕК упатува сѐ посилни критики во рамки на сите поглавја, кои играат клучна улога во евроинтеграциите на државата. Извештајот е дециден – државата НЕМА НАПРЕДОК во спроведување на реформите во судството, борбата против корупцијата и основните човекови права.

Критиките се насочени и кон делот на половата (не)еднаквост и семејното насилство кои се наведени во долга низа нерегуларности. Жртвите на семејното насилство се соочуваат со ограничен пристап до здравствените услуги поради недостатокот на соодветно обучен персонал и ограничени сместувачки капацитети. Исто така, државата не издвојува доволно финансиски средства за активности и програми поврзани со семејно насилство, како и за реинтеграција на жртвите на овој вид на насилство.

Нема унифицирана или воедначена пракса за евиденција и институционално меѓусекторско постапување во случаи на семејно насилство, кои ефикасно ќе се справат со овој вид на насилство. Потребно е координирано дејствување на сите органи кои се надлежни за преземање на мерки за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

Нееднаквоста помеѓу мажите и жените доаѓа до израз и при вработување и нивното учество во работната сила. Дури 46% од работоспособната женска популација е надвор од работната сила во споредба со 23,3% од мажите. Оваа разлика е уште поизразена кај маргинализираните групи и жените Ромки. Жените пак, кои се регистрирани како индивидуални земјоделки се исклучени од системот на здравствено осигурување и немаат право на надомест во случај на некоја болест, повреда на работното место, породилно отсуство, мајчинство итн. што е целосно недопустиво.

Дури 50,5 % од жените извршуваат неплатени работи поради нивната грижа кон децата или постари луѓе, во споредба со 1,7% од мажите. Со тоа директно се допридонесува за нееднаквоста во учеството на жените во работната сила. Усвоените измени на Кривичниот законик во февруари 2023 година со кои се регулираат кривичните дела против семејното насилство се само на хартија.

Ова се само дел од забелешките на ЕК по однос на нееднаквоста на жените во Македонија, забелешки за кои Левица реагира подолго време, особено после грозоморните убиства на жени во Кочани и Куманово – додека власта покажува несериозност кон решавање на овие горливи прашања, особено поврзани со спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство.