Од пет компании со најголеми просечни плати во, три се со по еден вработен – 20 000 евра просечна плата

Пребарувањето на платформата БизнисМрежа.мк покажува дека од 5 компании со најголеми просечни плати во 2022 година, три фирми се со по еден вработен. Секако, плата за еден вработен не е просечна плата, туку единечна плата. Во овие пет компании и преостанатите две компании се со мал бој вработени. Едната со шестмина, другата со тројца  вработени.

Анализата на порталот „Пари“ покажува дека во 2021 година во овие фирми со еден вработен (освен во една) немало еден вработен, туку повеќемина, а лани одеднаш целата работа се префрлила во рацете на еден човек (така барем кажуваат податоците) и тој еден зема огромна плата?! 

Од списокот може да се види дека најголемиот просек не е во енергетиката или во трговијата со гас, па ни во приватните болници, како што би била некоја првична асоцијација за висок просек на плати. Најголемите просеци и поединечни плати се во аптеки, агенции за издавање имот, за приверемени вработувања…

Аптеката „Алпи фарм“ е на врвот од листата со еден вработен кој зема просечна месечна нето-плата од 1.374.259 денари, што е над 22.000 евра. Агенцијата за времени вработувања „Контакт бизнис“ и во двете години има ист број вработени. Шестемина вработени лани земале, во просек, по околу 22.000 евра, што е за 10 проценти помалку отколку во 2021 година. И „Елан проперис“ си го задржал истиот број вработени и во 2021 и во 2022 година – тројца, а просечната плата има голем скок од дури 60% – од 12.130 на 19.400 евра. Но, приходите во 2022 им биле 1,1 милион евра, што е за 31 процент повеќе отколку во 2021 година, кога изнесувале 870.000 евра.

Друштво за трговија и услуги „Лашкари менаџмент компани Македонија ДООЕЛ“ Скопје со приоритетна дејност „управување со недвижен имот со хонорар или врз база на договор“, има еден вработен и тој лани земал месечна плата од 16.500 евра.

Друштвото за спорт и спортски дејности „Фудбалски клуб шкупи 1927 АД Скопје“ во 2021 година имало 26 вработени со просечна плата од 350 евра. А, лани само еден вработен, и тоа со месечна плата од 11.600 евра.