ЕК: Корупцијата главен проблем – Немате направено никаков напредок во правосудството
Владеењето на правото се издвојува како главен проблем на Македонија во евроинтеграциите според новиот Извештај на Европската Комисија за напредокот на земјава, во кој се наведува дека изминатава година нема направено никаков напредок во сферите на правосудството и борбата со корупцијата.
Извештајот испраќа критика дека и понатаму останале неисполнети препораките на Европската комисија, како подобрување на резултатите во високо профилирани случаи на корупција, соодветни човечки и материјални ресурси за обвинителствата и соодветно имплементирање на препораките на ГРЕКО.
Иако документот традиционално се пишува со прилично дипломатски јазик, во однос на измените на Кривичниот законик, кој предизвика застарување и проблеми кај многу процеси за високи македонски функционери, Европската комисија оваа година испраќа прилично директна критика.
„Корупцијата останува присутна во многу сфери и претставува предмет на загриженост. Беше изменет Кривичниот законик низ забрзана собраниска процедура. Максималните казни за специфични кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што направи последици врз брзината на застарување, како и стопирање или дури и прекин на голем број случаи на висока корупција, вклучително и случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство. Овие измени исто така ги попречуваат надлежните да истражуваат и да процесираат вакви кривични дела. Ова е прашање кое претставува сериозна загриженост“, пишува во извештајот.
Како еден од негативните примери е издвоено контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет, додека во Извештајот се наведува дека потребно е подобрување на резултатите на судските институции, а се додава и дека се доцни со нова стратегија за судски реформи.