„Љубовта на крајот ќе победи“ – Познат српски угостител и рапер во хумана мисија на Донбас
Познатиот српски ријалити готвач и угостител, музичар Милан Јанковиќ – Чорба, во хумана мисија на Донбас, во која успеа да приготви балканска и српска храна за цивилите во Донбас, и да изнуди насмевки на нивните уморни лица. – Интервју e направено од Дарко Тодоровски Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар кој веќе трета година е на докторски студии во Русија:
- Добар ден Милан, вие сте познат ријалити готвач, угостител и музичар – репер од Белград, но родени сте во Косово и Метохија. Што ве натера на оваа благородна идеја, да спроведете хумана акција на Донбас?
Ви благодарам што не повикавте да дадам интервју за Антропол. Прво би сакал да им се заблагодарам на Рускиот Дом од Белград, екипата на Гастро Худ (Gastro Hood) за организацијата на оваа хумана акција.
Идејата на Гастро Худ (Gastro Hood) е да спроведуваме хумани акции за цивили ширум светот кои што се ограничени и немаат достап до струја, вода, или од воени зони. Како што знаете, јас сум од Косово и Метохија, и јас уште од маленки нозе на своја кожа имам почувствувано што е тоа војна, и тие последици на Косово и Метохија се чувствуваат и до денес. Идејата е луѓето кои што ги сакаме, и се поистоветуваме со нив, да допреме до нив, да им дадеме мотивација и воља да продолжат да живеат, и што побргу да настапи мир, бидејќи мирот и љубовта се најбитните нешта во светот.
Ние спроведуваме хуманитарни акции на териториите каде што тоа е можно, во случајот со Донбас, поради ситуацијата, тоа беше невозможно, и ние спроведовме хумана акција, готвевме со љубов за цивилите на Донбас, и тие имаа можност да ја пробаат нашата кујна.
- Покрај хуманите моменти, вие сте готвеле на Донбас за цивилите. Како помина процесот на готвење, дали сте задоволни?
Беше тензично, бидејќи се пукаше на сите страни, се слушаа артилериски канонади, но тоа нас не не спречи во нашата идеја и мисија, два дена бевме во Луганск, во градот, каде што готвевме за децата и студентите, ние разговаравме со нив, им кажавме дека во нивната возраст и нашите животи беа слични на нивните, но дека сето тоа ќе помине, дека треба да бидат храбри, дека на крајот љубовта ќе победи, и дека треба да веруваат дека ќе наступи мир. Готвев со љубов и срцето ми беше полно со љубов, бидејќи децата и студентите беа среќни, бидејќи за прв пат имаа можност да пробаат специјалитети од Србија и од Балканот. Покрај во Луганск, готвевме и во Доњецк, за доброволците и цивилите во близина на линијата на фронтот. Тие се исцрпени и уморни од војната бидејќи се работи за зона која што е ризична и каде што постојано се пука, но ние успеавме да спремиме традиционално балканско јадење, од времето на ЈНА, односно војнички грав со сланина, и тоа за нив беше вистинско откритие и задоволство.
- Да, грав со сланина нема овде во Русија и на Донбас. Дали им се допадна јадењето, и дали беа задоволни?
На патот кон Русија се двоумев што да готвам, но мојот пријател и видео продуцент Даниел, кој што е исто е од Косово и Метохија, ми даде идеја да спремиме војнички грав со сланина. Јадењето им се допадна на сите на Донбас, беа воодушени, а многумина од нив прв пат пробуваат такво јадење. Најважнот е што успеавме да изнудиме насмевки на нивните уморни лица.
Какви беа вашите очекувања пред да дојдете во Русија и да го посетите Донбас, дали постоеше страв кај вас, бидејќи се работи за посета на воена зона.
Секогаш постои некоја доза на страв, бидејќи се работи за ризична воена зона, каде што во секој момент може да се случи непредвидлива ситуација, но самата наша идеја и замисла, беше тамо да отидеме, и со помош на Бог, и покрај тоа што беше страшно и опасно, успеавме да го реализираме тоа што беше планирано. Ние балканците сме храбри, и благодарејќи му на Бога, денес сме во Москва, и можам да кажам дека сум благодарен за целата организација, поздрав за луѓето кои ни помогнаа и кои не чекаа во Москва, поздрав за новинарот Игор Дамјановиќ од Црна Гора, и за сите добри луѓе кои учествуваа во оваа хумана акција. Сите заедно успеавме.
- Како влијае и ќе влијае во иднина тоа што бевте во ризична воена зона? Дали има некои промени во вашиот поглед на светот, бидејќи кога ги гледаш сите тие трагедии во воените зони со свои очи, човек не може да остане рамнодушен?
Секако дека не можете да останете рамнодушен, и ќе бидам краток и јасен, се повеќе го ценам тоа што го имам, кога гледам што се луѓето изгубиле и со какви маки се соочуваат во воените зони.
- Кои се места ги посетивте во Донбас?
Бевме до Доњецк, бевме во Луганск, бевме во неколку села, не се сеќавам точно на имињата, но на сите места атмосферата е иста, депресивна, празни улици, претежно стари луѓе кои живеат во страв, тажни и напатени лица, но секоја чест за тие луѓе, кои што не потклекнуваат со духот, и понатаму се борат за својот опстанок. И покрај тоа што се работи за населени места во воени зони, на пазарите и во продавниците има голем избор на храна.
- Колку се слични Косово и Метохија и Донбас. Дали може да се направи некоја паралела, како и помеѓу луѓето кои што таму живеат?
Како што се сеќавам за време на нашето растење и детство, кога немавме струја и вода, понекогаш има, понекогаш нема, и гледајќи денес како живеат децата и луѓето во Донбас, сето тоа е жалосно и тажно, и можам да кажам дека се работи за слични ситуации, и тоа што ние го проживеавме кога немавме услови за нормален живот, слобода на движење, посетување на училиште, струја, вода, сега истото тоа го доживуваат децата на Донбас, како и децата ширум светот каде што има војни.
- Дали децата и цивилите од Донбас испратија некоја порака до светот преку Вас?
Да, тие рекоа дека и покрај се, љубовта е потребна на сите нас, сите треба да внимаваме како се однесуваме едни спрема други, бидејќи животот е еден, и дека тие посакуваат мир во светот.
- На Балканот има цензура кога се во прашање вестите од Русија и од Донбас. Што би сакале да им порачате на луѓето од Балканот и ширум светот?
Во однос на цензурата, вистината секогаш излегува на виделина, им порачувам на луѓето да веруваат во Бога, и љубовта на крајот ќе победи.