Промовирана монографијата „Прилози за историјата на манастирот Вељуса“

Вчера беше одржана промоција на Монографијата „Прилози за историјата на манастирот Вељуса“ која се одржа во дворот на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Вељуса. Станува збор за капитално дело кое што во себе содржи три најважни прилози кои најсоодветно ги прикажуваат, карактерот и вредноста на Вељушкиот манастир, а тоа се хрисовулите на царот Алексеј I Комнин, Инвентарот (Вревиј) на манастирот со сите негови драгоцености, како и Типикот на манастирот Вељуса.

Хрисовулите на царот Алексеј I Комнин имаатпрвостепена историска вредност, преку кои се потврдува основањето и ктиторството на монахот Мануил.

Типикот на Манастирот Вељуса е единствениот познат монашки устав автентично сочуван од времето на средниот век кога станува збор за манастирите на почвата на Македонија и на Охридската Архиепископија.

Оваа единствена и извонредно богата историска и архивска документација на правни акти и прописи, откако беше откриена во библиотеката на манастирот Ивирон на Света Гора, повеќе од еден век го привлекува на истражувачите и науката.

Уредник на изданието е проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ во соработка со Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Вељуса, Струмичка епархија, Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима. Автор на Предговорот е Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, а преводот на оригиналните текстови го направија: проф. д-р Војислав Саракински и отец Атанасиј Арсоски.