АктуелноЕУЛокално

Левица: ЕУ не е спремна за проширување – Македонија не е спремна за интеграција

  • Реакција на Политичката партија Левица

Пред околу девет години започна т.н. БЕРЛИНСКИ ПРОЦЕС чија основна задача беше да ги „приближи“ земјите од Западен Балкан кон Европската Унија. Но, наместо ова, народот од овој регион, интеграцискиот процес во Унијата го гледаат како недостижен процес, каде стапката на сиромаштија и иселувањето е во пораст, додека евроскептицизмот е во пораст.

За жал, иако Спогодбата за стабилизација и асоцијација Македонија ја потпиша уште во далечната 2001 година, што беше еден од првите чекори во пристапниот процес кон ЕУ, кој ветуваше скора интеграција, сепак, по повеќе од дваесет години од ова, лидерите на Унијата, целосно игнорирајќи ги основните права и легитимни интереси на македонскиот народ, не гарантираат полноправно членство на државата во европскиот сојуз.

На надворешен план, барањата на ЕУ кон Македонија за отстапки од круцијалниот национален интерес, кои го поткопуваат македонскиот идентитет и ја негираат неговата засебност и суверенист, а беа спроведени од домашните квислинзи, не ја доближија државата до Унијата.

Дополнителните барања за уставни измени преку кои ќе се реализира бугаризација на Македонија доколку се случат, исто така не гарантираат никаков исчекор во интеграцискиот процес.

На внатрешен план, политичката елита која ја предводи државата, освен што се покажа како национално и државно девастирачка и енормно корумпирана, под јаремот на европските вредности, продолжува со приватизација, отуѓување од државното богатство, донесување бројни антиевропски закони кои во привилегирана позиција ги ставаат криминалците од било која власт, додека истовремено, столбовите на државата, правосудството и државните институции, заедно со клучните сектори како образованието и здравството, се управуваат во насока на целосна пропаст.

Од европскиот ќор сокак, во кој е заглавена државата, не може да се излезе со поддршка и соработка на ЕУ со криминалната политичка елита! ЕУ не може да очекува надминување на пречките во интеграцијата да ги спроведат политичарите и политичките партии кои имаат личен лукративен интерес од статус квото во кое егзистираат како корумпирани власти.

Македонија не може да очекува интеграција во ЕУ кога земјите членки имаат неусогласеност во ставовите по ова прашање и неопходност од сериозна внатрешна реформа, додека пак, своите национални интереси ги пребиваат на сметката на интеграциските процеси на земјите кандидати.

Ако ЕУ, преку Берлинскиот процес, или на кој било друг начин, не најде алтернатива за анти-европската македонската политичка елита и особено анти-европските позиции на веќе земји членки на самата Унија, евроскептицизмот оправдано се повеќе ќе биде популарен помеѓу македонскиот народ, кој позасилено ќе бара алтернатива за ЕУ и „Берлинскиот процес“.