Симонов: Дали Свети Николе ќе добие опасен отпад?
- Во јавноста протече информација дека продолжува процесот за формирање регионалното јавно претпријатие „ЕКО ИСТОК – СЕВЕРОИСТОК“ кое треба да управува со регионалната депонија. Спротивно на волјата на граѓаните, Владата инсистира регионална депонија да ја изгради на територијата на Општина Свети Николе. Во Министерството за животна средина и просторно планирање, е закажан конститутивен состанок каде треба да се донесе Статутот на претпријатието, и покрај спротивставувањата на граѓаните кои не сакат да го прифатат градењето на регионална депонија на оваа локација. На оваа тема на социјалните мрежи се огласи советникот од Левица, Александар Симонов, кој го постави прашањето: „Дали Свети Николе ќе добие опасен отпад?“.
„Според информациите кои неформално успеав да ги добијам, а како Советник во оваа Општина должен сум да ги пренесам на граѓаните, е дека по одземањето на ингеренциите на Општина Свети Николе, во МЖСПП е подготвен СТАТУТ – на Јавно претпријатие ,,Регионално управување со отпад ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК”, кој треба да биде донесен на конститутивен состанок. Во член 10 од овој статут каде се утврдуваат дејностите на ова јавно претпријатие е предвидено:
- СОБИРАЊЕ НА ОПАСЕН ОТПАД;
- ОБРАБОТКА И ОТСТРАНУВАЊЕ НА ОПАСЕН ОТПАД;
Прашањето е зошто јавноста во Свети Николе, а и пошироката јавност не е известена за овие одредби? Дали овој „конститутивен состанок“ ќе биде пренесен и достапен за јавноста? (Доколку е проследена информација до медиумите зошто не се известува за ова?) – И најважното дали со донесувањето на овој статут, ОПАСЕН ОТПАД може да заврши во Свети Николе?“