АктуелноЛокално

Трајковски: Постои многу поевтин начин за изградба на ХЕ „Чебрен“

  • Фејсбук статус на професорот од Техничкиот факултет во Битола – Дејан Трајковски

Ако веќе решиле Македонија да учествува само со 33% од инвестицијата во реверзибилната ХЕ „Чебрен“, постои многу поевтин начин отколку раскрчмувањето на ХЕ „Тиквеш“.

Реалната цена на чинење на проекот (капиталните трошоци – CapEx) изнесуваат максимално 600 милиони евра. Проектот секако би се градел на кредит, со типично учество од 25%, односно 150 милиони евра. Останатите пари би биле земени на заем, што би се отплатувал од приходите на идната ПАХЕ „Чебрен“. Впрочем и Грците би зеле пари на заем, па така би биле израмнети во партнерството уште од првиот ден.

На страна што Грците воопшто не ни требаат, односно целото учество од 150 милиони евра би можеле да го платиме самите. Па ние само минатата година 300 милиони евра, наменети за капитални инвестиции (колку учествата за две ХЕ како „Чебрен“!) ги потрошивме за увоз на скапа електрична енергија!

Нашата третина од учеството би изнесувала само 50 милиони евра. Толку малку пари владата може веднаш да вложи, дури и без заложување на ХЕ „Тиквеш“. Доколку ги немале тие пари, што е малку веројатно, можеле само 3 години да ја продаваат електричната енергија и тоа само од ХЕ „Тиквеш“ (150.000 MWh/год.) по летната берзанска цена од 110 евра/MWh и така да соберат 50 милиони евра за нашиот дел учеството. ХЕ „Тиквеш“ не би ја дале ниту на еден единствен ден, а камоли на 67 години.

Всушност, овие 50 милиони евра би ги собрале и многу побргу, бидејќи берзанската цена во зима е најмалку 200 евра/MWh, а приходите од продажбата би можеле и дополнително да ги зголемат, ако парите во меѓувреме ги инвестирале во домашни или странски обврзници. Ако водата во акумулацијата на ХЕ “Тиквеш“ ја чувале за зима и сета енергија ја продавале по зимската цена од 200 евра/MWh, тогаш парите за почетното учество би ги собрале за само 1,5 година!

На тој начин населението би ја плаќало скапата увезена струја поради кусокот од „Тиквеш“ само 1,5-3 години, а не додека сме живи ние, нашите деца и нашите внуци. Тука воопшто не ја зедовме предвид вредноста на илјадниците хектари државно земјиште под акумулацијата и електраната, а тоа секако има удел во вредноста на целиот проект.

Вложувањето на земјиштето може делумно да го намали паричното учество на Македонија во предложената третина или пак да го зголеми нејзиниот удел во вредноста над една третина од целиот проект, при парично учество од 33%.

Веќе од авион се гледа штетната и недомаќинска зделка, но ако на населението ова не му пречи – тогаш ништо, нека си плаќа поскапа струја следните 67 години без ХЕ “Тиквеш”. Ако обвинителството и судот беа како што треба, досега требаше да изречат привремена мерка за стопирање или поништување на тендерот, се до расчистувањето на случајот.