„По повод 60 години од смртта на Ѓорѓи Абаџиев“ – научен собир на Институтот за македонска литература

Институтот за македонска литература – Скопје, на 6 октомври (петок) , ќе организира научен собир насловен „По повод 60 години од смртта на Ѓорѓи Абаџиев“.

Поздравен говор на научниот собир ќе има проф. д-р Наташа Аврамовска, а за животот и делото на македонскиот прозаист ќе говорат проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева преку излагањето „Културната меморија во книжевниот опус на Ѓорѓи Абаџиев“, проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, која ќе се осврне на Ѓорѓи Абаџиев и Македонскиот литературен кружок, како и проф. д-р Гоце Смилевски кој ќе зборува за „Индивидуалното и историското во романот ‘Пустина’ од Ѓорѓи Абаџиев“.

Ѓорѓи Абаџиев е македонски раскажувач, романописец, историограф, публицист и сценарист, роден во Дојран, на 7 октомври 1910, а починал во Скопје, на 2 август 1963 година.

Собирот ќе започне во 11 часот во Амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.