Нека нашиот гнев и одлучност да се избориме за правда им одѕвонува во секој момент

  • Фејсбук статус на Александар Панајотов

Суштината на овој протест е скандалот кој предизвикува ужас и гадење, скандалот на клиниката за онкологија, кој се уште не се расветлува. Нашите ултиматуми од минатите протести не се исполнети! Сиов овој молк од страна на владата и надлежните институции укажува на тоа дека се вмешани највисоките структури на нашата „триглава ламја“ – СДС, ДПНЕ и Демократската унија за дезинтеграција. Зошто го велам ова? Е па, со оглед на тоа дека тие ја имаат моќта за помалку од 24 часа да се најдат виновниците, а ниту преземаат ништо, ниту го поддржуваат протестот, нивната вмешаност е очигледна. Ова брутално и злосторничко здружување кое што трае со години и не есапи никаква политичка, етничка или расна разлика, си поигрува со животите на стотици, можеби и илјадници наши сограѓани.

Тоа што ги поврзува овие навидум различни „фараони“ е профитот, а ние сме само топовско месо за нив, лесно заменливи завртки во нивната добро разработена машинерија каде никој не е поштеден. Тука ќе се обратам на партиски ангажираните сограѓани, особено тие во најнискиот ешалон – зарем навистина сметате дека партијата ќе ве заштити вас и вашето семејство ако ви се случи нешто слично? Како што големиот Горан Стефановски во својата ТВ драма „Диво Месо“ еднаш кажа „и се прди на Европа за вас“, така и на вашите господари за вас! Да, се дрзнувам да ги наречам ваши господари, бидејќи сте буквално сведени на статус на нивни робови, на кои не им е дозволено да размислуваат со своја глава.

Верувам дека сте заплашени, уценети, излажани и предадени одново и одново, или, можеби сметате дека сте заштитени со некоја работичка во администрација или по некое тендерче, но, помислете кои се последиците на вашата тишина и покорност во иднина. Вашите животи и животите на вашите најмили, исто така, не се имуни на овие ѕверства, така што, ве повикувам сите да покажете доблест и да си го повратите своето достоинство, придружувајќи се на својот народ тука, со нас, дозволете си повторно да бидете човечни и несебични. Зошто, сите сме луѓе, а за нив претставуваме само бројка.

Можеби некој тука ќе се запраша, па дури и налути зошто ја спомнав и најголемата т.н. опозициска партија во оваа група на виновници, ДПНЕ.
Едноставно е, не само што е желна како и останатите две партии да им удоволува на барањата на сите освен на македонскиот народ, туку не го ни поддржуваат овој протест, само затоа што не е организиран од нивна страна, замислете! За ова има доказ кој неодамна протече низ социјалните мрежи., можете лесно да проверите тоа. Да не ја спомнуваме и дополнителната причина зошто се прилично млаки во нивните реакции за ситуацијата во здравството, а тоа е веројатната вмешаност на поранешната директорка на Онкологија од нивните редови. Можете ли барем за момент да помислите подалеку од партиските интереси и да се придружите за нешто поголемо? Верувам дека и меѓу вас има добри луѓе, на вас останува дали и понатаму ќе робувате на вашите т.н. лидери.
А вие, драги апатични и резигнирани сограѓани, кои сметате дека не може со протести да се постигне ништо, само сетете се како веднаш по нашиот прв протест по кратка постапка ги донесоа измените во Кривичниот законик, со кои драстично си ги намалуваат казните за злосторничко здружување и злоупотреба на овластувањата. ОВА е вистински показател дека се плашат од својот народ и дека не смееме да престанеме и да се предадеме! Бидејќи нашата „триглава ламја“ толку се воодушевува на прозападното размислување и неговите културни достигнувања, ќе ги потсетам на еден цитат од Томас Џеферсон, што одлично одговара за моменталната ситуација: „Кога неправдата ќе се претвори во закон, отпорот станува должност“.
Ние, граѓаните, не смееме да заборавиме дека не се бориме само за нас, туку и за нашата иднина – децата, ако сакаме да ја имаме. Мораме да продолжиме да бидеме гласни и да го одбраниме нашето достоинство и да се избориме за тоа што му припаѓа на секој човек: најдобра здравствена нега, образование и функционални институции со луѓе кои посветено и етички ја извршуваат својата дејност во нив. Чест ми е што познавам неколкумина од нив и драго ми е што се уште постојат такви луѓе.
Да не дозволуваме да не ничкоса апатијата и бездушноста, бидејќи како што големиот ирски државник Едмунд Бурк беше парафразиран од страна на американскиот претседател Џон Кенеди – „единственото нешто што е неопходно за злото да триумфира е добрите луѓе да не прават ништо.“ Ве замолувам сите силно и јасно да ја слушнат нашата осуда и порив за борба на следниот протест на 2ри октомври, понеделник. За жртвите на онкологија, тетовската модуларна болница, патниците на Беса Транс и за прерано згаснатиот живот на малата Јана. Нека нашиот гнев и одлучност да се избориме за правда им одѕвонува во секој момент, да не ги остава на мира. Народот ќе победи!