Дали ќе ја биде Преспа или не? – Од сите нас зависи
- Пишува Проф. др Трајче Талевски
Преспа се соочува со голема криза која за жал трае со години наназад и како што вообчаено бива кај нас многу доцна се регира.
Во моментов на Преспанско Езеро му треба обединување на сите релеванни фактори во Р. Македонија и останатите држави со кои ја делиме. Потребно е обединување на сите заинтересирани чинители но пред се на сите љубители на Преспа, граѓански НЕПРОФИТНИ здруженија, науката.
Потребно е обединување на сите преспанчани од Горна и Долна Преспа, преспанчани од Исток, Запад, Север и Југ од Котлината, потребно е подршка од нашинците од Мала Преспа, од Пустец и Горица, од македонците кои живеат во Герман, Нивици и други места на Малото и Големото Преспанско Езеро. Преспа не е само на преспанци, Преспа е наша, од сите, Преспа е наш бисер не помалку вредна од Охрид. Без Преспа ќе го нема и Охрид.
Но, за да се донесат правилни заклучоци и правци на натамошно делување потребно е Преспа да се познава за да се’ она што ќе се каже, има своја тежина. Доста е, треба да завршиме еднаш засекогаш со нагаѓања и
импровзации со ова или она, со вака или така.
Потребно е познавање на одредени состојби и да се делува со знаење и многу факти а без емоции, ако може да се делува без емоции кога се гледаат некои фотографии кои деноноќно се објавуваат на социјалните мрежи. Преспа мора да се обидиме да ја зачуваме и во наредниот период да ја вратиме во состојба на која многумина повозрасни се сеќаваме каква била. Преспа крие во себе уште многу неоткриени тајни и многу научни необјаснети појави.
Да се обединиме сите поради Преспа. Треба некој да ги/не собере сите на едно место на кои нешто им/ни значи Преспа. Многу пари би “влегувале” за спас на Преспа, но ако не се насочат правилно се плашам дека Преспа ќе биде “црна дупка” за многу донирани средства како што се случуваше многу пати до сега на други места.