Андонов: Кругови во ВМРО-ДПМНЕ уште на времето размислуваа за внесување на Бугарите во Уставот
Веќе подолго време во јавноста кружат информации дека Македонија имала намера да ги вклучи Бугарите во Уставот уште во 1998 и 2001 година, но официјална Софија го одбила вакото барање. За ова се говореше уште минатата година, кога пратеникот на СДСМ, Јован Митрески изјави дека ние како држава сама сме барале, но Бугарите не сакале да влезат во македонскиот Устав во 1991, 2001 и 2018 година. Вчера ваквата теза ја начна и бугарски „Фактор“ кој објави текст за поврзаноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бизнисменот Орце Камчев. Се додава дека во 2001 година, при потпишувањето на Охридскиот договор, Бугарија го одбила барањето на тогашната Република Македонија да ги вклучи македонските Бугари во нивниот устав. „Оттука произлегува логичното прашање – чија идеја е да се регистрираат македонските Бугари: Дали произлезе од средбата на 22.07.2021 година меѓу лидерот на ГДУ Петар Колев и поранешниот вршител на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев или всушност е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ и бугарската поврзаност на Орце Камчев?“, пишува бугарскиот портал.
Универзитетскиот професор и предводник на „фракцијата за демократско ревитализирање“ на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Андонов во разговор за „Локално“ вели дека не знае дали Камчев има врска со 2001 година за евентуалниот предлог за внесување на Бугарите во Уставот уште тогаш, но убеден е дека некои кругови во ВМРО-ДПМНЕ на времето размислуваа за таа работа. Тој се согласува со тезата на актуелната Влада дека на тој начин ќе се направи историска дистинкција меѓу Македонците и Бугарите која ќе биде заверена во Уставот.
Отворајќи го процесот на членство во ЕУ, сметам дека муабетите дека ќе ни наметнат уште 100 работи како услов, се приказни за поткрепување на основната идеја да не се тргне кон ЕУ. Ако Македонија за 4-5 години стане полноправна членка на ЕУ, значи дека повеќе нема да имаме северномакедонски како што тврди бугарскиот претседател Румен Радев, туку македонски идентитет (јазичен и културен) и ќе биде пренесен и на Македонците во Бугарија и Грција. Тоа значи дека ќе имаме цела Македонија во рамките на ЕУ. Како некој нас може да не спречи во програмата Европа на региони да имаме културно влијание врз нашинците во Бугарија и во Грција? Кој подоцна нив ќе ги спречи да лично се изјаснуваат како Македонци? Напред ја гледам Македонија, а не наназад, потенцира Андонов.
Порачува дека треба да ја осовремениме македонската нација.
Преку вклучување на Бугарите во Уставот како дел од народот, ќе направиме диференцијација меѓу македонскиот и бугарскиот народ, но ќе ги вклучиме во состав на македонската современа нација и полека во ЕУ да се ослободуваме од идејата Северна Македонија и да одиме во друга визија, смета професорот.
За поврзаноста на Мицкоски со Камчев како што пишува и бугарски „Фактор“, Андонов вели дека „играта“ е повеќе од очигледна. Некогашниот министер за внатрешни работи вели дека нема проблем со тоа дали Бугарите ќе бидат дел од македонскиот Устав, но има проблем, како што истакнува со приказната на поврзувањето на Камчев со Каракачанов и Мицкоски над се.
Точно е дека Камчев ја финансира ВМРО-ДПМНЕ и тоа веројатно подолго време. Имам информации за тоа, но тоа претставува и очајна состојба во која Мицкоски не е свој човек, туку мора да спроведува туѓи агенди. Имаме извршна наредна на Џо Бајден 14033 и имаме постапка по однос на „Законот Магницки“ и на нас треба се да ни биде јасно како се одвиваат работите и зошто Камчев на црна листа и зошто Мицкоски упорно не сака да ги внесе Бугарите во Устав за да може да се отвори процесот за прием на Македонија во ЕУ и чиј интерес всушност Мицкоски штити. Многу ми е жал што морам да констатирам дека текстот на бугарски портал е во право по однос на последиците што можеме да ги имаме ако не ги продолжиме преговорите со ЕУ. Ќе страда Македонија и народот бидејќи современите тендеции се ЕУ, а не назад, заклучува Андонов.
Преземено од: Локално.мк – Н.П.