Идната Влада на Црна Гора под лупа на САД
На вонредните парламентарни избори што се одржаа во Црна Гора пред неполни два месеци, претседателот Јаков Милатовиќ изјави дека очекува новата влада да биде формирана на брз, ефикасен начин и во согласност со изборната волја на граѓаните.
Меѓутоа победата на движењето „Европа сега“ (ПЕС) беше пирова – воедно ова беше заклучокот и на голем број странски медиуми, кои оценија дека вонредните парламентарни избори во Црна Гора дале резултати кои ќе донесат многу неизвесност, судир и нестабилност во земјата.
Пратеникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар рече дека Црна Гора има единствена можност да го забрза својот пат кон Европската унија и дека САД ги сака оние партии кои ги поддржуваат НАТО, ЕУ и Украина во црногорската влада.
Пред извесно време слична изјава имаше и амбасадорката во Црна Гора во заминување Џуди Рејнке. Таа јасно им порача на Црногорците кого не сака да го види во идната извршна власт, и јасно стави до знаење дека само оние кои ја подржуваат НАТО алијансата во Украина ќе ја имаат и поддршката од Вашингтон за влез во Владата.
Сите овие изјави произлегуваат од можноста за влез на коалицијата „За иднината на Црна Гора“ во Владата. Оваа коалиција е етикетирана како проруска и во неа има поранешни членови на просрпскиот Демократски фронт на чело со Милан Кнежевиќ со вкупно 13 мандати.