Изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас вечерва на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот
На платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, некогашно Еврејско маало, вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“.
Изложбата е организирана по повод одбележувањето 60 години од скопскиот земјотрес во Еврејското маало и 80 години од депортацијата на македонските Евреи. Се состои од 14 паноа на кои преку фотографии е претставен животот во Скопје и скопското Еврејско маало пред земјотресот, веднаш по катастрофата и почетоците на создавањето на модерно Скопје.
Мал дел од фотографиите се од архивската документација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а поголемиот број се создадени од Рафаел Алтарас и добиени од неговиот син на подарок за Фондот на холокаустот.
Рафаел (Ратко) Алтарас е роден на 28 март 1923 година во Белград, како шесто дете на Авраам и Флора Алтарас, сефардско еврејско семејство. Во 1941 година се приклучил на партизанското движење во борбата за ослободување на земјата и бил носител на партизанска споменица 41-ва (прв борец).
Куратор на изложбата е Жаклина Мучева. Ќе трае до 31 август 2023 и ќе биде поставена на вториот кат во Меморијалниот центар на холокаустот – изложбен салон. Влезот за изложбата е слободен