„5.17“ изложба на слики и монотипии од Диме Темков во КИЦ
На 26 јули, со почеток од 21 часот во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 1, ќе се отвори изложбата на слики и монотипии од Диме Темков насловена „5.17“
СКОПСКА НЕСРЕЌА
Во уметноста најповеќе пишуваме за среќата, иако почесто несреќата е наша судбина. Долго години имавме несреќа на грбот. Со векови живеевме во сенка на османскиот султан и неговата јаничарска војска. Си замина таа проклетиња, оставајќи ни песни со несреќен здив. Ги пееме кога сме напоени, така прилега во нашата слика за љубовта и опстојбата.
Изминаа 60 години откако голема несреќа го погоди нашиот град и неговите жители. Скопје е на местоположба што му се повторуваат такви несреќи – во Антиката, од што ни остана аквадукт, во Средниот век, од што е разурната тврдината по која не викаат Виделина, Скопија. Денес сме и натаму на исто место, кое го потресуваат понекогаш силни потреси, а малечки постојано секој ден не потсетуваат на почвата која не е сигурна засекогаш. Осум месеци пред големиот потрес градот беше максимално поплавен, луѓето имаа страв да не пукне браната на Матка и градот изграден околу Вардар да не биде уништен. Некои велат големата вода, која се рашири и низ центарот, во внатрешноста на земјата поместила карпи кои го потресоа несреќниот град.
Рано утрото на 26 јули 1963 година стихијата проговори. Тие кои беа разбудени велат грготела како страшна вештерка, со ужасен звук на тираносаурус. Во два удари од внатрешноста на земјата дојдоа опасни бранови на земјотресот кој тешко го погоди Скопје. Најповеќе настрада центарот на градот. Земјотресот удираше во бранови, небаре ги бираше страдалниците. Една голема куќа ќе паднеше со жртвите, таа покрај неа остануваше цела. Имаше и големи несреќи. Новата железничка станица падна со голем централен хол и со една канцелариска страна на луксузната градба давајќи 300 жртви. Најпознатиот градски хотел се стопи со исто толку страдалници. Најубавите згради во центарот, ликовни симболи на Скопје, Народна банка и Офицерски дом, заминаа во неврат. Скопскиот универзитет и Народниот театар беа збришани. Градското собрание (карши кино „Култура“) и соседната Католичка црква паднаа. Радио Скопје беше урнато. Боемската кафеана „Зора“ и Милицискиот клуб исто така. Среде градот силата небаре бираше згради и несреќници. Така беше и во новите населби. Загинаа 1.500 души, некому роднини, познати личности, наши соседи.
Но многу градби останаа цели, фала му на Бога! Бидејќи беше рано, 5,17 минути, во многу паднати училишта или уреди немаше луѓе. Општината Центар, сета во стакло, отиде јабана, без страдалници (сега таму е кренат УЈП). Младинскиот дом на културата на општината Центар „Кочо Рацин“ сиот од стакло се стопи во срчи. Паднаа многу училишта, Женска и Машка гимназија, Фискултурна сала (позната по игранките) карши Машката и црква Св. Мина, црква Св. Константин и св. Елена, Градежно училиште спроти Градежниот факултет, Средно музичко, и многу основни беа збришани. Нема среќа во несреќата, но сепак многу погодени градби се загубија во постоењето без непосредни жртви. Падна касарна-музеј на Кале, турско наследство, но жртви јок. Во Старата чаршија земјотресот растресе многу згради и дуќани, нема ни трага од покриената чаршија што одамна не вирее. Паднаа минариња на сите џамии. Највисоката градба Работнички дом, каде што се одржува оваа изложба, остана, благодарејќи на умот на градителот. Страдаа маала во центарот, убави скопски улици оштрбени со понекоја зграда која безмилосно ги однесе своите жители.
Несреќата го згусна градското чувство. Силната треска ја изеде душата на сите. Во арсеналот на болката завладеа несреќа. Тоа не беше страдалништво без споредби, несреќата букна во луѓето. Скопје беше релативно мал град, несреќата вриеше во неговите жители, и кај тие кои останаа да живеат и да се борат среде урнатините и кај оние кои заминаа подалеку за да се спасат. Несреќата вивна силно и неумитно, таа стана елемент на живејачката. Со години.
Сега знаеме и се сеќаваме на тажно сочувствување. Како главен град на мала република одекна потресот. Дојдоа мнозина да помогнат. Илјадници ги креваа со раце паднатите камења и ѕидови за да најдат понекој покриен. Помош пристигна отсекаде. Сите од Југославија дадоа по една плата. Се споделуваше страдањето. Несреќата ги опседнуваше луѓето со страв да не се повтори. Долго, долго растеше несреќата и без залудна бездна. Луѓето се скрија во градините, во Градскиот парк се крена град од шатори.
Почна изградба, поправање на некои градби како Македонското собрание, користење на останатите во целост како црквата Св. Димитрија. Помош дојде од Обединетите нации, направен е ѕидан канал за Вардар, Универзитетот го користеше она што остана цело, додека не се направи новиот Универзитет. Стигнаа бараки од Словенија, Финска и други земји, почна да се крева ново Скопје. Се рашири надалеку без жртви, нови маала. Тоа ја смири несреќата.
Почна среќа во Скопје. Денес е град со пет пати повеќе жители, со смирено постоење. Понекогаш силно ќе удри земјотресот и ќе ги исплаши сите, како пред 7 години, но нема жртви. Ќе треба уште векови до евентуалната несреќа. Сега се разви градот, се гради, има сообраќај и трговија, никнаа медицина и театар, отворени се музеи, Скопје е регионален центар за рок-ен-рол и џез. Среќата ги смири граѓаните. Уметникот Диме Темков е роден во населбата Карпош 1, по неколку години. Израсна на булеварот „Коčо Рацин“. По повод оваа тажна годишнина не потсети на несреќата во најпрочуената галерија КИЦ. Нека живее Скопје во радост од неподлегнување на несреќа.
Кирил Темков
Диме Темков е роден 1971 година во Скопје. Во 1990 година го завршил Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ – отсек графика, а потоа студирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, кај проф. Димче Николов, каде што дипломирал во мај 1995 година. Во септември истата година се запишал на постдипломски студии по графика на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, кај проф. Лојзе Логар.
Живее и работи во Љубљана. Имал повеќе од 50 самостојни изложби.
Организирал 20 меѓународни ликовни колонии. Од 2011 година е член на Ротари клубот Логатец. Од 2012-2014 година го основал и раководел културниот центар „Простор“ во Љубљана. Во 2014 година го основал и раководел со македонскиот микрокултурен центар „Галерија МКД“ во Љубљана. Во 2016 година го основал Институтот „Преображение“. Од 2020-2022 година соработувал во комитетот за етика и култура при „Ротари Дистрикт 1912“ за Словенија и Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до 15.08.2023 година.