Симонов: Внесувањето на Бугарите во Уставот отвора нова пандорина кутија на „европскиот пат“
- Кординаторот на Секторот за Надворешна политика на Левица Александар Симонов во интервју за порталот интервју.мк беше запрашан за ставот на Левица по однос на Уставните измени. Симонов нагласи дека денешните проблеми со Бугарија своите корени ги влечат уште од времето на заевизмот кога беа потпишани т.н. „добрососедски договори“, констатираше дека евроскептицизмот ќе продолжи да расте доколку ЕУ не го промени односот кон Македонија. На крајот тој заклучи дека Македонците од ЕУ бара само третман како и за сите останати, градење односи на взаемно почитување и уважување на македонскиот народ.
– Во однос на промените на уставот и влегувањето на некочку нови национални малцинства во него меѓу кои и бугарите, ги знаеме ставовите на владата и опозицијата, кои се вашите?
На ова прашање нашиот одговор беше даден на протестите против т.н. Француски предлог, но и претходно. Да потсетам, сето ова влече корени од времето на заевизмот кога беше потпишан фамознииот „Договор за добрососедство со Бугарија“. Уште тогаш Левица бараше итен прекин на преговорите и непрекинато укажуваше на штетните последици од истиот, но квислингшката власт одлучи да не го слушне гласот на народот и како по обичај, секогаш кога не го слушаш својот народ, правиш негово предавство и влегуваш од грешка во грешка.
И еве сега државата веќе се насладува од отровните плодови на „добрососедските договори“. Се врши историска ревизија, се брише антифашистичкото минато на македонскиот народ, бугарските фашисти стануваат администратори, македонскиот јазик се негира, а од оние кои не’ репресираа и ги убиваа на македонските партизани, што го удрија темелот на современата македонска држава, сакат да направат конститутивен народ во преамбулата на Македонскиот устав.
Освен ова, ја следам реториката на владејачката клика, која вели уште уставните измени и готово е, нема пречка за членство во ЕУ. Да се разбереме, од ова нема ништо, ниту уставните измени имаат некаков однос кон „европските вредности“ ниту пак истите ќе донесат некаков просперитет. Едноставно е, тоа е барање кое ги задоволува бугарските национални апетити, а ЕУ е алатка која се користи за да се спроведат истите.
Внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последно барање, ниту пак ние ќе станеме членка на ЕУ ако направиме уште едно национално предавство. Затоа стоп за внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, Македонија не смееме да ја претвориме во втора бугарска држава, а политичкиот систем не можеме и не треба да го оптовариме за удоволување на права и привилегии во пост-рамковниот систем, на етникум за кој се изјасниле околу од 3000 жители.
Евроскептицизмот расте, а ЕУ мора да свати дека со вакви политики истиот нема да биде поправен. Унијата е таа која треба да направи ревизија на одредени свои политики и самооценка за одредени постапки. Во свите редови таа има огромен пораст на национализам и уште поголема девалвација на демократија.
Македонија не бара многу, бара само третман како и за сите останати, градење односи на взаемно почитување и уважување на македонскиот народ. Правењето притисоци и уцени не се ниту демократска алатка, ниту европска вредност.