Кој ќе го изгасне светлото?
- Став на Д.Д. Член на Левица – Сектор Енергетика
Никогаш не треба да заборавиме дека еден од клучните темели на независноста на Македонија, во 1991 година, беше стабилноста на електро-енергетскиот систем. Што се случи и што имаме денес, по 33 години независна Македонија.
Денес имаме неефикасен енергетски систем со капацитети стари по 40 години. Државниот завод за ревизија во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „ПОДГОТВЕНОСТА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ ДА СЕ СПРАВИ СО ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА“, констатира дека Македонија на долг рок, не може да обезбеди сигурно снабдување со струја.
Ревизорите си пишуваат, караванот си врви. Математички кажано во изминатите три децении го имаме енергетскиот систем од 1991 година плус ХЕЦ Козјак, плус ветерниот парк во Богданци, минус хаосот со непланско и неконтролирано доделување на концесии за изградба на фотоволтаици, плус расцепканиот ЕСМ (ЕЛЕМ) на ЕСМ, МЕПСО и секако она што го продадоа ЕВН. Сега да ме праша некој сигурно не го знам точниот број на компании со префиксот ЕВН (ЕВН Дистрибуција, ЕВН Снабдување, ЕВН Хоум итн.). Чебрен и Галиште е приказна само за изборни кампањи, јаглен со висока калорична вредност веќе речиси и да нема, а во екот на најголемата енергетска криза во 2022 година блок 3 од РЕК Битола бил во дефект 365 дена – работел само 1 час според ревизорите. ТЕЦ Неготино сѐ уште е на мазут, РЕК Осломеј 168 дена бил резерва, а државата во изминатите три години за набавка на јаглен, мазут и природен гас потрошила близу 600 милиони евра народни пари. Во 2021 и 2022 година владата доделила државна финансиска поддршка 17.197.808 илјади денари на ЕСМ кои се потрошени за набавка на ресурси, набавка на струја на отворениот пазар, но спротивно на владините одлуки, 10% од средствата биле искористени како тековни расходи.
Трошеа народни пари и беа навистина саркастично феноменални во изјавите дека со камиони од Косово ќе донеле јаглен за РЕК Битола. Ние се смеевме, а ни се плачеше, тие урнисаа сѐ и станаа енергетски олигарси преку ноќ. Владино-енергетските олигарси преку ноќ си отворија фирми за снабдување со електрична енергија на сопругите, синовите, внуците и си тргуваат со електрична енергија со загарантирана маржа како додаток на Хупекс берзата продавајќи струја на државните институции (болници, училишта, министерства, општини итн.). Приватни компании ископуваат јаглен во јагленокопите. Бонбона бизнис!
Што мислите за што разговараа „предавникот“ и „патриотот на батерии“ на таканаречената лидерска (дилерска) средба. За национално единство? – Не!, За влез на Бугарите во уставот? – Не, за тоа се одамна договорени. За економијата? – сигурно Не… Разговараа како да си го поделат колачот, за првиот фотоволтаиците за вториот хидроцентралите, по принципот народот части. Ама ниту едниот ниту другиот не научиле дека народот е „пиреј“. Еднаш го изградил енергетскиот систем, и нема да дозволи ниту едните, ниту другите да го изгаснат светлото.