Нема откажување од борбата со градежната мафија – За утре најавен нов протест во Лисиче
Со балони, свирчиња и тапани, жителите на скопско Лисиче минатата недела излегоа на протест против новиот Детален урбанистички план кој го подготвува Општина Аеродром. Порачаа дека не сакаат згради и дека за урбаната мафија нема место во нивната мирна населба. Бараат планот целосно да се повлече бидејќи е смрт за населбата.
„Не веруваме во објавите од Општината дека планот ќе се промени и дека ќе бидат земени предвид нашите барања. Нашите барања се да се избришат маркичките за згради. Овој дел од Скопје е со големо загадување на воздухот, како може да цртаат облакодери”, рекоа жителите на протестот.
Како што најавија на крајот од протестот минатата недела, граѓанската иницијатива „Да го зачуваме Лисиче“ ќе излезе на протест и оваа недела. Тие најавија дека нивната борба за да го зачуваат Лисиче од градежната мафија ќе продолжи се додека ДУП не биде целосно одбиен и нагласија дека не веруваат во ревидирањето најавено од градоначалникот Муцунски.
Протестот ќе се случи утре на 21 јуни, среда во 17:30 часот а ќе трае до 18:30 часот на булевар Србија, поконкретно кај крстот на влез во населба Лисиче.