Мециновиќ: Софиската платформа не е од вчера – Нападната е македонската државност

Во вчерашната емисија на каналот на Инфомакс – Тешки Муабети, гостуваше Портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ, кој зборуваше за бугарската политика кон Македонија и односот на актуелната широка коалиција кон бугарските барања.

Зошто не се зборува чија држава е таа (Македонија) од 1945 година? Тоа е држава на генерација што дала жртви, семејни жртви, хорор, траума, денеска е држава на следната генерација која може да живее слободна, да не бие под бугарска, српска, италијанска, било каква окупација. Софиската платформа има континуитет, таа не е од сега, овие напади на македонската државност се како тие пред Втората светска војна, изјави портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ, во вчерашната епизода на Тешки муабети.

Според портпаролот на Левица, во овој момент партиите на власт не го претставуваат народот, единствено се занимаваат со нивните лукративни интереси. Заради ова, тој смета дека е потребно национално обедување.

„Ни треба национално обединување, десни, леви, моментално ја губиме државата. Моментално Левица е изразен елемент позади кој можеме да се обединиме. За ВМРО и за СДСМ, народот не разбира дека за нив се се сведува на интерес, тоа се двајца олигарси во енергетскиот сектор и сите политичари влегоа во тој сектор. Тие се обединуваат не за наша подобра иднина, туку за лични интереси“, – вели Мециновиќ.