Годишно 10% од македонските студенти заминуваат во странство
екоја година се поголем е бројот на македонски граѓани кои одлучуваат да студираат надвор од земјата. Одлуката да заминат од Македонија и да студираат, како што велат, пред се ја носат поради можноста да се стекнат со квалитетно образование и дипломи, со кои потоа полесно ќе можат да направат кариера во некоја од европските земји.
Ако пред дваесетина и повеќе години, тренд беше студирањето во Белград и Софија, последниве неколку години како прв избор кога се работи за студирање надвор од Македонија е Словенија.
За ова придонесоа поволностите што словенечката Влада ги дава за привлекување на студенти од странство, преку стипендии за оние кои доаѓаат од земјите од Западен Балкан и оние од ЕУ.
Словенија стана „ветена земја“
Од академската 20117/2018 година до последната 2021/2022 година, на државните универзитети во Словенија има вкупно 5 224 студенти.
Според податоците кои Само прашај ги доби со посредство на Амбасадата на Словенија кај нас, може да се констатира дека бројот на оние кои одлучуваа да студираат во Словенија расте од година во година. Така ако во учебната 2017/2018 година таму заминале 783 македонски државјани, во 2018/2019 година тој број е 874, во 2019/2020 година 1 025, во 2020/2021 година изнесува 1 235, а во оваа академска година, односно 2022/2023 на државните факултети во Словенија студираат 1 307 македонски државјани.
Од Словенечката амбасада во Скопје потенцираат дека овој број веројатно е и поголем, бидејќи тие се уште не ги добиле податоците од приватните универзитети.
Условите се следни: Словенечката Влада ги покрива трошоците за студирање кои изнесуваат помеѓу 2 000 и 15 000 евра по студент, во зависност од универзитетот и областа на студирање.
Стипендијата за студирање е надополнета и со можноста за субвенциониран оброк, покриени трошоци за јавен превоз. Наставата се одвива на словенечки јазик за што се обезбедени курсеви. Студентите по овие програми исто така имаат можност и да се вработат во текот на студирањето, со скратено работно време и на тој начин да си обезбедат покривање на дел од трошоците. Ако се сумираат условите, се доаѓа до тоа дека единствениот поголем трошок за овие студенти е сместувањето, во приватни станови или студентски домови.
Овие поволности што ги имаат македонските студенти во Словенија се резултат на меѓудржавниот договор потпишан меѓу Македонија и Словенија во 2016 година.
„Словенија сака активно да придонесе за развојот на целиот регион на Западен Балкан и за градење врски и стопанска соработка – особено со републиките од поранешната заедничка земја. Една од најважните компоненти е развојот на потенцијалот на младите луѓе, на кои оваа иницијатива им го олеснува стекнувањето квалитетно образование за во иднина. Без разлика дали младите се враќаат во матичните земји по завршувањето на студиите или остануваат во Словенија, на овој начин се создаваат врски кои овозможуваат надградба и раст на соработката меѓу стопанствата и народите на Западен Балкан“, велат од Амбасадата на Република Словенија за Само прашај.
Од податоците што го добивме од Амбасадата на Словенија најмногу македонски студенти се запишуваат на Универзитетот во Љубљана, потоа на универзитетот во Марибор, на Универзитетот Приморска и на Универзитетот на Нова Горица.
Според областите кои ги избираат тоа се Економскиот факултет на Факултетот по информатички науки на универзитетите во Љубљана и Марибор, Природно-математички факултет и информатички технологии во Приморска и на факултетите за економско инженерство и за бизнис и технологија во Нова Горица.
Кампањи излегуваат и од „фрижидер“
Речиси и да нема човек кој не познава некој чии деца студираат во Словенија. Тоа говори за растечкиот тренд. Но само постоењето на меѓудржавен договор кој овозможува поволности за студирање на престижни универзитети во регионот не е доволно за ваква информација да стаса до пошироката јавноста. Тоа е резултат на агресивна кампања која се спроведува главно преку социјалните мрежи, но и преку традиционалните медиуми, со отворени денови и презентации.
„Моите две деца студираат во Словенија. За тоа се одлучија пред се поради квалитетот на знаење што го добиваат таму, а по завршување на студиите добиваат европска диплома која ќе им биде валидна во сите други земји. Условите за студирање таму се одлични и по завршување на студиите иднината си ја гледаат надвор од Македонија“, раскажува родител на студенти со кој разговаравме.
Нашата соговорничка ни ја објасни и процедурата и условите за студирање таму кои подеднакво важат за македонските граѓани, како и за нивните граѓани.
„Аплицираа за студии во Словенија, при тоа од таму добиваат одговор според успехот што го имаат на кои факултети може да се запишат и со резултатите од матурата добиваат известување на кои факултети се примени и треба да одберат каде ќе студираат. Студирањето е комплетно покриено од државата, годишно имаме некаде околу седумдесет евра трошоци за запишувањето. Имаат субвенциониран оброк, можност да живеат во студентски дом или да изнајмат стан. На повеќето факултети студиите се на словенечки, а на дел имаат можност и предавањата да ги слушаат на англиски и да полагааат на англиски, но тоа се доплаќа. Самата настава им е така организирана каде што се става акцент на стекнување со практично искуство за да можат по завршување на студиите и полесно да најдат работа и практично веднаш да го применат за тоа што учеле“, раскажува мајка на двајца македонски студенти во Словенија.
МОН и Статистика не водат евиденција за студирање во странство
Како што може да се види од досегашниот текст, сите податоци кои ги добиваме, од бројката на наши студенти во Словенија, до условите, главно се базираат на податоци од Словенечката амбасада и лични искуства. Ниту Министерството за образование и наука ниту Државниот завод за статистика немаат податоци колку точно македонски државјани студираат во странство. Во МОН имаат податоци само за оние студенти за кои им дале стипендии за студирање во странство.
„Државата стимулира студирање на најдобрите светски универзитети. Повеќе од 10 години се доделуваат стипендии за студирање на највисоко рангираните универзитети според Шангајската листа и оние кои ќе ја искористат оваа можност, имаат обврска да се вратат во државава и двојно повеќе време од времето поминато во студирање, да работат во јавниот или приватниот сектор. МОН поседува податоци само за оние граѓани чие високо образование во странство го финансира. Годинава доделени се 38 такви стипендии и како што посочивме, од нив се очекува да се вратат по дипломирањето и стекнатото знаење да го применат тука, во јавниот или приватниот сектор“, велат од Министерството за образование, додавајќи дека според нивна проценка од вкупниот број матуранти кои го завршуваат средното образование, околу 80 проценти одлучуваат да го продолжат образованието на факултет.
Ниту Државниот завод за статистика не води статистика за тоа колку наши државјани заминуваат на студирање во странство.
Најблиску до ваква бројка се податоците на Фондот за здравствено осигурување, кои се добиени врз основа на бројот на издадени потврди за користење здравствени услуги во странство. Но, и таа бројка не може да се смета за конечна, бидејќи вакви потврди се издаваат само кога се студира во земји со кои Македонија има склучени договори за здравствено осигурување, а тоа се досега 18 држави.
Според овие податоци годишно од Македонија на студии во странство заминуваат над 1 500 граѓани, од кои најмногу во Словенија, по што следуваат Германија, Турција, Италија, Бугарија, Србија, Хрватска Холандија, Австрија. Помал број студенти вакви потврди во последните неколку години побарале и за студирање во Чешка, Франција, Белгија Унгарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Луксембург и Словачка.
Ако се соберат овие бројки за последните две години и првите месеци од оваа година, вкупната бројка на издадени потврди се 3 083 лица за студирање во странство.
Издадени потврди за користење здравствени услуги во странство за студирање
Според овие во 2021 година од издадени 1 513 вакви потврди на студенти, од кои најмногу 1 168 се издадени за студенти кои заминуваат во Словенија. Потоа следуваат Германија со 96 потврди, Турција со 62, Бугарија 49, Италија 33 потврди, Србија 26, Холандија 23, Хрватска 21, Австрија 18…
Во 2022 од издадени вкупно 1 533 потврди за студенти, каде исто така најмногу се за оние што заминуваат во Словенија – 1 211, потоа Германија со 77, Италија 43, Турција 37, Србија 35, Хрватска 34, Бугарија 27, Австрија 19…
Годинава од вкупно издадени 37 вакви потврди, за македонски студенти во Словенија издадени се 13 потврди, 5 за Италија, 4 за Албанија…
Според податоците од Државниот завод за статистика, од академската 2017/2018 година до лани, забележлив е пад во бројот на студенти кои се запишуваат на домашните универзитети. Така, тој пад од 2017/2018 година од кога ги анализиравме податоците до 2021/2022 година до кога ги имаат во ДЗС тој пад е за речиси 1 600 студенти.
Од ДЗС велат дека се уште ги немаат податоците за последната учебна година.
Едно зборуваат, друго прават
Во потрагата по причините зошто секоја година полека се зголемува на идните македонски студенти кои се одлучуваат да студираат во странство, тргнавме од изјавите на оние кои по функција се задолжени да се грижат за квалитетот на образованието кај нас.
Во една изјава на министерот за образование Јетон Шаќири во декември лани на настан за Извештајот на Европската комисија за 2022 година, тој рече дека Министерството за образование и наука со крупни реформски чекори го модернизира воспитно-образовниот систем во согласност со европските трендови и како главни предизвици ги наведе зголемувањето на бројот на факултети со меѓународна акредитација и реализацијата на квалитетни студиски програми.
Но, што покажуваат фактите?
Со години наназад, Македонија нема универзитет кој е рангиран меѓу првите илјада на популарната Шангајска листа. За разлика од нас, на пример лани, на оваа листа се најдоа универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана и тоа од 401 до 500 место.
Меѓу мноштвото рангирања е и она на Центарот за рангирање на светски универзитети каде од единствен на листата од 2 000 најдобри универзитети во светот е само Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и тоа на 1 944 место со 65,9 бодови од вкупно 100.
Центарот за рангирање на светските универзитети (CWUR) со седиште во Обединетите Арапски Емирати е водечка консултантска организација која обезбедува совети за политики, стратешки увиди и консултантски услуги на владите и универзитетите за подобрување на образовните и истражувачките резултати, а академското рангирање го проценува квалитетот на образованието, можноста за вработување, квалитетот на факултетот и истражувањето без да се потпира на анкети и универзитетски податоци. Универзитетите се оценувани според квалитетот на образованието што го нудат и бројот на истражувачки трудови кои произлегле од нив.
И на уште едно рангирање Вебометрикс (webometrics.com) каде се земени податоци за 31 000 високообразовни институции во светот, при што од Македонија има дури 18, оваа година најдобро котира Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“на 1 594 место, но е далеку зад оние во Грција, Србија, Словенија, Бугарија и Хрватска, иако подобро стои од универзитетите во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.
Рангирањето тука е комбинација на веб-аналитика на видливост на универзитетите, цитираност на научни трудови и објави на научни списанија.
УКИМ е единствениот македонски универзитет на Рангирањето според академски резултати (УРАП) за 2022/2023 година, кое го изработува Техничкиот универзитет на Блискиот Исток во Анкара, Турција, и тоа на 1.709 место од 3.000 универзитети низ светот, кои се оценуваат според објавените научни трудови, бројот на цитирања и нивниот импакт – фактор, како и меѓународната соработка.
Подобро рангирани од УКИМ на оваа листа се најголемите универзитети на Грција, Србија, Хрватска, Словенија и Универзитетот во Софија.
Следниот фактор е колку фактички се вложува во високообразовните институции, за разлика од декларативните заложби.
Буџетот на Министерството за образование и наука според Усвоениот Буџет за 2023 година е 27.842.886.000 денари (околу 450 милиони евра), при што за високо образование е 3.414.257.000 денари (околу 56 милиони евра), при што има зголемување на буџетите на сите државни универзитети кои изгледаат вака: УКИМ и Универзитетот „Гоце Делчев“ за 2 отсто, 7% за Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот во Тетово за 7 отсто, и 16% за Универзитетот „Мајка Тереза“ и 22% зголемување на буџетот за Универзитетот за информатика и технологија во Охрид (УИНТ).
Факт е дека Буџетот на МОН за 2023 година е за 2,16 милијарди денари (или 8,4 отсто), повеќе во споредба со Ребалансот од лани, но ако се анализираат ставките, исто така е факт дека најголем дел од ова зголемување отпаѓа на плати.
И на крајот, не помалку важно е она што најмногу влијае губењето доверба во нашите високообразовни институции се скандалите со фалц дипломи, магистерски и докторати изминатите десетина години. Еден таков беше во 2013 година и беше поврзан со државниот Тетовски универзитет, кога МВР во куќа во селото Селце откри мини-работилница, во која се изработувале лажни дипломи. Жител на селото, на возраст од 30 години, во подрумските простории „штанцал“ факултетски уверенија и им ги продавал на италијански државјани. Најголем дел од дипломите го носеле називот на Факултетот за медицински науки при Државниот тетовски универзитет.
Од Државниот просветен инспекторат велат дека во последните неколку години не се констатирани неправилности при издавањето на дипломите, но не даваат конкретни податоци за активностите коишто ги спровеле изминатиот период. Наспроти ова, е последниот случај со „докторот“ во Вевчани, кој поминал на конкурс и шест години лечел пациенти иако немал завршени студии.
Претседателот Стево Пендаровски лани во октомври во интервју за Телма го отвори прашањето околу потребата за ревизија на новоотворените факултети, но и на магистериумите и докторатите во земјата, оценувајќи дека и покрај ветувањата на власта во последните години работите воопшто не се променети.
Македонија во изминатите 15 години се соочува со хиперпродукција на универзитети и факултети. Ако во 2007 година имаше 5 универзитети и 44 факултети и високи школи, во 2014 година таа бројка порасна на 16 универзитети и 139 факултети и високи школи што создаде огромно производство на дипломи во сите циклуси на образованието.
Преземено од: Самопрашај.мк