Парламентарни избори во Грција со двајца главни ривали, Мицотакис и Ципрас
Во Грција денеска се одржуваат парламентарни избори на кои 9,8 милиони Грци ќе изберат 300 пратеници за четиригодишен мандат. Отворени се 22.000 избирачки места, а гласањето е отворено до 19 часот.
Премиерот и лидер на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, по железничката несреќа на 28 март распиша парламентарни избори.
Ослабен од скандалот со прислушувањето во кој се вклучени неколку јавни и политички личности, Мицотакис се соочува со опозиција во која доминираат партијата Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас и ПАСОК на Никос Андролакис.
Добивањето втор мандат според истражувањата ќе биде многу потешко отколку што замислуваше Мицотакис.
Скандалот со прислушувањето што ги врати сеќавањата на грчката диктатура од 1967-1974 година, обезбеди многу материјал за критичарите. Потоа, во февруари, токму кога кризата изгледаше под контрола, се случи железничка несреќа во централна Грција. Педесет и седум лица загинаа во несреќата, што ја разоткри неспособноста на државата како никогаш досега.
Ова, во комбинација со новиот изборен систем на пропорционална застапеност, овозможува денешните избори ќе бидат понепредвидливи од вообичаеното, дури и ако Нова демократија врати дел од изгубените позиции.
Според новите правила – воведени од левичарскиот претходник на Мицотакис, Алексис Ципрас – победникот мора да освои околу 46 отсто од гласовите за да обезбеди мнозинство во 300-члениот парламент, подвиг што се смета за практично невозможен.
Во петокот, во последната анкета, Нова демократија водеше со 31,4 отсто, наспроти 26,4 отсто на Сириза.