САД ја одложуваат помошта против ХИВ во Уганда поради „анти-ЛГБТ закон“?
Американските власти го одложија состанокот во Уганда за програмата за помош во борбата против ХИВ (СИДА), бидејќи им треба време да го проценат влијанието на законот против ЛГБТ кој наскоро треба да стапи во сила, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Овој Нацрт-закон e еден од најстрогите во светот, и беше усвоен од парламентот на Уганда на 21 март, откако 387 од 389 пратеници гласаа за, и беше испратен до претседателот Јовери Мусевени за негов потпис.
Законот предвидува смртна казна и доживотен затвор за геј секс, до 14 години затвор за „обид за хомосексуалност“ и 20 години затвор за „регрутирање, промовирање и финансирање истополови активности“.
„Западните земји треба да престанат да го трошат времето обидувајќи се да ги наметнат своите практики на другите луѓе. Хомосексуалците се отстапување од нормалното. Потребно ни е медицинско мислење за ова “, рече Мусевени во своето обраќање пред парламентот.
Од друга страна пак, група водечки научници и академици од Африка и од целиот свет го повикаа Мусевени да стави вето на законот, велејќи дека „хомосексуалноста е нормална и природна варијација на човечката сексуалност“.
Официјални лица во Белата куќа кои работат на планот за помош од СИДА (PEPFAR), кој на Уганда и дава 400 милиони долари годишно, ги информираа партнерите дека состаноците се одложуваат поради спорното законодавство во земјата.
„Ја разгледуваме можноста Нацрт – законот против хомосексуалноста, доколку биде потпишан, може да не спречи да обезбедиме превенција, грижа и третман за спасување животи и еднакви можности за сите жители на Уганда“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.