Екстремисти од „Златна зора“ упаднаа на изложба на уметникот Андреевски во Солун предизвикувајќи меѓународен инцидент
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во петокот беше свечено отворена во Солун, во присуство на голем број посетители. Но, денес се случи меѓународен инцидент, кога за време на изложбата во галеријата упаднале група маскирани претставници на фашистичката партија „Златна зора“, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување ја прекинале и ја „запечатиле“ изложбата со ленти и плакати.
„Златна зора“ (која со судска пресуда во 2020 година беше прогласена за криминална организација) во објавеното видео на т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“ коментираат дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па тие морале да „интервенираат“ и да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“. На влезот од галеријата залепиле плакати кои се однесуваат на на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
Додека на плакатот со кој ја „запечатиле“ изложбата стои дека „се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“.
Очигледно е дека и покрај потпишувањето на предавничкиот, таканаречен „Преспански договор“ во интерес на Грција, односите помеѓу Грција и Македонија не се ниту подобрени, ниту регулирани и дека фашистичките идеи и претензии на Грција се’ уште постојат.
Секторот култура на Левица остро го осудува овој меѓународен инцидент и го повикува надлежното Министерство за надворешни работи и Министерот Бујар Османи промптно да реагираат на провокациите и да преземат конкретни мерки!
Инаку Сергеј Андреевски е етаблиран, меѓународно признат ликовниот уметник, син на познатиот македонски писател Петре Андреевски, во моментов вработен во Културно информативниот центар – Скопје.