Првомајската парада во Москва откажана поради ризик од тероризам
Првомајската парада во Москва нема да се одржи поради зголемената закана од тероризам, соопшти најголемата синдикална федерација во Русија.
Во главниот град нема да има парада и собири, предвидена е само свечена седница. Одлуката е донесена од властите бидејќи нивото на терористичка закана е зголемено, дури и во областите далеку од местото на специјалната воена операција – изјави Александар Черчуков, потпретседател на Руската Федерација на независни синдикати, пренесува ТАСС.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот, многу празнично се обележува низ цела Русија. Настаните ги организираат синдикатите. Во Москва и нејзините предградија обично се одржуваат големи културни настани и политички собири во чест на тој празник, кој е неработен ден низ целата земја.
Од нападот во кој беше убиен воен блогер во Санкт Петербург на 2 април, руските власти предупредуваат на опасност од тероризам.
Неколку дена по Меѓународниот ден на трудот, Русите го слават 9 мај, Денот на победата над нацистичка Германија, со воени паради низ целата земја , од кои најголемата се одржува на Црвениот плоштад.
Во средата, гувернерот на Крим назначен од Москва, Сергеј Аксјонов, рече дека сите прослави на 1 и 9 мај на анектираниот украински полуостров се откажуваат, наведувајќи ги „безбедносните причини“.
По повод годишнината од победата над нацистичка Германија, на 9 мај требаше да се одржи голема воена парада на Крим која исто така се откажува.
Уште од мај минатата година, приближно два месеци по руската инвазија на Украина, на Крим е прогласено жолто ниво на тревога. Во последниве недели, има се повеќе вести за руските сили кои копаат ровови низ полуостровот во очекување на голема украинска контраофанзива помогната од западните сојузници.