Во најзагадената скопска населба Лисиче ќе никнат девет нови згради

Девет згради се предвидува да се градат во населбата Лисиче со новиот Детален урбанистички план ЈИ09 блок 09.01. Жителите на населбата се против планот и бараат Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски да го повлечат. Велат дека не сакаат бетонизација на населбата која е само со куќи и испланирана за индивидуално домување.

„Лисиче е најзагадена општина во Скопје, и сега со новиот план околу нашите куќи се цртаат висококатници. Ќе бидиме затворени со бетонски ѕид и целосно ќе се оневозможи протокот на воздух. Предлог-планот беше нетранспарентно објевен. За јавната презентација не знаеше никој, а дека во тек е јавна анкета дознавме неколку дена пред нејзиното завршување“, вели Тодор Коцаров, жител на населбата Лисиче.

Граѓаните го оспоруваат планот и поради тоа што им се зема од дворните места за пробивање улици. Од Општината велат дека главно станува збор за постојните улици, но според новите законски измени за градба, минималната ширина на улиците треба да е 5,5 метри, а не 3,5 метри како што беше досега. Велат дека новиот план мора да се нацрта според законските одредби, но тоа не значи дека сите улици ќе бидат изведени.

Од Општина Аеродром велат дека во наредниот период ќе се разгледуваат анкетните листови на граѓаните, а ќе им бидат прифатени барањата на сите оние кои имаат издржани аргументи.