АктуелноИнтернационално

Вселенските мисии на НР Кина се зголемени за повеќе од четири пати

Со цел да се натпреварува со Старлинк на компанијата „Спејс екс“, оваа година НР Кина ќе започне со спроведување на својот проект за мегаконстелација на широкопојасен интернет и ќе лансира илјадници сателити во ниската орбита на Земјата. Извештаите покажуваат дека НР Кина за првпат ќе ја користи технологијата на втората фаза Јуанџенг-2 за својата ракета „Лонг Марч 5Б“ кога ќе биде лансирана од постројката Венчанг во втората половина на оваа година. Кинеската корпорација за вселенска наука и технологија (ЦАСЦ) потврди во март дека новата конфигурација на ракетата „Лонг Марч 5Б“ и горната фаза ќе се користат за лансирање сателити за сателитската мрежа во ниската орбита на Земјата (ЛЕО). НР Кина планира да развие и да лансира 13.000 сателити во следните неколку години, пишува „Спејс њус“.


Кинескиот сателитски оператор „Чајна Сатком“ можеби досега имаше помало влијание на глобалната сцена и првенствено се фокусираше на исполнување на домашните потреби со сателити позиционирани во геостационарни орбити, меѓутоа, работите ќе се променат во следните пет-десет години бидејќи НР Кина сега се фокусира на воспоставување глобална сателитска мрежа во ниската орбита. Проектот поддржан од Владата може да биде „менувач на играта“ за да се натпреварува со западниот свет, особено во делови од светот каде што кинеското влијание е силно. Амбициозниот план може да ги спречи другите меѓународни оператори на констелација да ги прошират своите меѓународни претплатници.

Податоците покажуваат дека вселенските мисии на НР Кина се зголемени за повеќе од четири пати во изминатата деценија, со повеќе од 60 лансирања само минатата година. Задачата за формирање на мегаконстелацијата ѝ е главно доверена на Кинеската академија за вселенска технологија (ЦАСТ), главната гранка на ЦАСЦ, како и на Академијата за иновации за микросателити под Кинеската академија на науките.


Се очекува Академијата за иновации за микросателити да ја заврши работата на 30-те сателити, кои ѝ се задача за 2023 година, а во проектот до крајот на 2023 година би можеле да бидат вклучени и други потенцијално комерцијални компании. Компании како „Галакси спејс“ и Кинеската корпорација за вселенска наука и индустрија исто така развиваат сателити за мисијата.
Главната гранка за производство на ракети на ЦАСЦ е главно вклучена во процесот на подготовка за лансирање на ракетата „Лонг Марч 5Б“, која ги задоволува потребите на Кина за идните мисии. Задачите вклучуваат производство на потребните ракетни мотори (керозин – течен кислород), кои се користат во помошните бустери.

Преземено од: Нова Македонија