Арсовска: Македонија и Скопје се заложници на ДПМНЕ и СДСМ
- Фејсбук статус на Данела Арсовска – градоначалник на Град Скопје
За жал повеќе не постои разлика во политичката понуда во Р.Македонија, па соопштенијата кои ги добиваме од двете политички партии во македонскиот блок се речиси идентични, па единствената разлика е во тоа што само се менуваат имињата по потреба.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно имаат истородна политика, која нема некоја особена идеја или цел, туку напротив, целокупната политичка „мисла“, ако може така да се нарече, е насочена кон блокирање на сите процеси, кочење на проекти и плукање заради плукање.
Вистината е дека во Градот Скопје до овој момент завршени се преку 100 проекти кои се ветени во програмата „За Модерно Скопје“.
Дополнително, не е запрен ниту еден од проектите на претходниот градоначалник, напротив, истите продолжуваат со реализација откако беа отстранети сите неправилности, грешки и девијации кои произлегувале од ноторното непознавање на работењето со градот од страна на Петре Шилегов и СДСМ, кои пак доведуваат до сомнеж за можна корупција при работењето.
Што се однесува до проектите за набавка на нови автобуси и еколошки превоз, сакаме да потсетиме дека на седницата на Советот на град Скопје која се одржа пред четири дена, току советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заеднички одлучија да не гласаат за одобрување на набавка на нови еколошки автобуси. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го блокираа и проектот за доделување на субвенции на граѓани за електрични тротинети и велосипеди, со што граѓаните нема да може да земат субвенција за еколошки транспорт.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ решија да не гласаат и за субвенции за граѓаните и такси-превозниците за набавка на електрични и хибридни возила со што директно се влијае на намалувањето на загадувањето и тоа уште во оваа фаза на „пилот проект“.
Токму со претпријатијата, за кои и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тврдат исто – дека се во наводен хаос – се раководени од Управни и Надзорни одбори во кои членови се токму припадници на двете политички партии кои функционираат на истиот принцип на блокирање на работењето на претпријатијата со единствена цел, политички маркетинг на грбот на скопјани.
Кога станува збор за партизација, токму непринципиелната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се единствените одговорни. Јас немам своја политичка партија ниту партиска припадност, па оттука не можам јас да ја партизирам градската администрација која пак е преполна со припадници на партиските дувла.
Македонија, а со тоа и Скопје се заложници на една непринципиелна коалиција помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ чија единствена цел е личната корист, лукративните шеми и меѓусебна заштитата од прогон.