АктуелноЛокално

Левица: Клиниката за орална хирургија без соодветни анестетици

  • Реакција на Левица – Здравствен сектор

Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон” каде што се изведуваат тешки екстракции на заби, операции на синус и други стоматолошки хируршки интервенции e оставен без соодветна апаратура и без соодветни анестетици. Граѓаните не можат да ја добијат услугата за која што плаќаат здравствено осигурување.

За овој проблем пациенти се обратија до Здравствениот сектор на Политичката партија Левица. Им било кажано дека мораат да трпат болка при интервенцијата, бидејќи никаде во Државaта немало готови анестетици што содржат адреналин. Но aнестетици со адреналин има во сите стоматолошки депоа и во секоја стоматолошка ординација надвор од ЈЗУ Стоматолошки клинички центар.

Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“ го претставува секундарното и терциерното здравствено ниво за стоматолошки услуги за пациентите. Tаму се упатуваат пациенти за интервенции што не можат да ги извршат матичните стоматолози.

Во приватните стоматолошки ординации тие интервенции чинат скапо и осиромашените граѓани на кои им се потребни комплицирани интервенции не може да си дозволат да одвојат средства од скромниот семеен буџет.

Здравствениот сектор на Политичката партија Левица апелира до Министерството за здравство и до Стоматолошкиот клинички центар дека секој пациент што има здравствено осигурување има право на хируршки стоматолошки услуги на терет на Фондот за здравствено осигурување.

Доколку на Клиника нема соодветни лекови, анестетици и функционална апаратура, Фондот е должен на пациенти со здравствено осигурување да им ја покрие услугата во приватните ординации, а не да бидат оставени да трпат болки и да им биде загрозено здравјето.