Двојазичните униформи го рушат принципот на единственост на униформата – ВМРО-ДПМНЕ молчи
Откако минатата недела стапи во сила Уредбата за двојазичност на полициските униформи, Артан Груби на својот фејсбук профил прогласи победа и објави слики од изгледот на новите униформи.
Од политичката партија Левица реагираа дека ваквата уредба е спротивна на мислењето на Венецијанската комисија и дека единствен европски пример за повеќејазични униформи е државата Босна и Херцеговина.
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски сѐ уште нема официјален став откако Уредбата за двојазични униформи стапи во сила. Минатата година Левица поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на оваа уредба, која Уставниот суд уште ја нема ставено на разгледување.
Во иницијативата, Левица наведува дека со оглед на тоа што постои единствен состав на полицијата на територијата на целата држава, правењето разлики во униформите значи директна закана врз унитарниот карактер, суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на државата. Според партијата, ниту во Законот за внатрешни работи, ниту во Законот за полиција, како единствени закони со кои непосредно се уредува работата на Министерството за внатрешни работи и Полицијата не е предвидена можност за отстапување од принципот на единственост на униформата. На овој начин, Владата со подзаконски пропис го уредува изгледот на униформата и ознаките на униформата на Полицијата во целина, алудирајќи на единствен изглед, без предвидување на можност за промена на изгледот на униформата или ознаките, во зависност од секторската припадност на службеникот.
Понатаму, во иницијативата се тврди дека спротивно на законската и подзаконската регулатива, оспорениот контроверзен владин акт овозможува, противправно, да се зобиколи основниот принцип во полицијата на единственост на униформата. Со тоа, како што тврди Левица, оспорената уредба го нарушува системот на нормативна хиерархија и овозможува заобиколување на Уставот и законите.