АктуелноЛокалноСтав

За културата и хибридниот режим

Пишува: Тони Димитров – Координатор на Сектор култура

Напати сум потенцирал дека културата и образованието се темелот на едно општество. И не е тоа некоја длабока филозофија. Нo, кај нас токму културата и образованието се оставени последни во низата на политичките интереси на власта. И по развој, и по политики, и по финансии… Можеби е точно дека е криза, но тоа не значи дека општеството треба да се лиши од култура или културата да биде на маргините, како што е случајот со „нашата земја“. Посебно во вакви кризни времиња, кога има тектонски социјални поместувања, кога младите се запоставени или препуштени на влијанието на сомнителни идеологии, а образованието е оставено на случајноста, културата е дотолку попотребна. 

Деновиве Министерството за култура ги објави резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата. И секоја година е истото. Но, оваа година можеби со најмногу контроверзии и реакции. Со право. 

Секоја година проблемите се слични. Уметниците/организациите реагираат на висината на одобрените проекти, на добитниците, на квалитетот на проектите…. И тоа е со право. Со еден поглед на резултатите од конкурсот, дури и некој без базична културна наобразба, ќе добие впечаток дека некој тенденциозно си поигрува со нас и со културата. Дебатите кои се водат меѓу издавачите, уметниците, организациите, здруженијата, по медиумите, на фејсбук или каде и да е, сите се во сличен контекст и со доза на резигнација формулирани низ прашањето: што значи национален интерес во културата според селекцијата и воопшто за оваа власт? 

Да тргнеме од комисиите. Кои сѐ се членови на комисиите и каков е нивниот бекграунд во културата (со чесни исклучоци секако)? Потоа да продолжиме со разгледување на уметниците и организациите кои добиле финансиска поддршка, за на крај да завршиме со висината на доделените буџети и во која пропорција меѓу апликантите. Квалитетот на проектите е секогаш предмет за најжестоките дискусии, бидејќи секој го разбира и евалуира од перспектива на своето разбирање на културата, а за дел од членовите на комисиите тоа очигледно е дискутабилно.

Во културните компетенции на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска нема да навлегуваме во оваа прилика. Тоа би го оставил на дневнополитичката жабокречина, бидејќи таму и припаѓа. Надалеку e познато нејзиното разбирање за културата дека „уметниците треба да творат во духот кон тоа што ќе го расположи народот и публиката“.  Оттука, она кое е значајно за нас во овој историски контекст е прашањето: зошто токму оваа година реакциите се најбурни? 

При просто пребарување на рецентните вести од културата ќе наидеме на реакција на Македонската асоцијација на издавачи и нивната реакција под наслов „Никогаш не сме доживеале поголемо деградирање на книгите, со годинешнава програма Министерството за култура достигна ново дно“. Понатаму Друштвото на писатели на Македонија реагира под насловот „ДПМ на вонреден пленум ќе побара одговорност доколку не се отстранат пропустите во Министерството за култура“. Рокенрол хроничарот Тошо Филиповски реагира преку серија постови и текст по повод неговата одбиена апликација под наслов „Грамофонските плочи се застарени, оцени комисијата за музичка дејност за проектот на Тошо Филиповски за издавање необјавени снимки на 50 македонски бендови“. Оffest исто така реагира бурно со насловот „Го откажуваме 22. издание на OFFest“.

Наспроти сите овие одбиени или скратени проекти, за чие значење имаме малку простор за дискусија, можевме да забележиме поддржани проекти од типот на „50 Години јубилеј -Цветанка Ласкова“, кој веднаш стана вирално популарен. Потоа, на врвот на листата на проекти со најголеми буџети, постојано, со години наназад (откако е оваа власт) гледаме едни те исти имиња (без да ги набројуваме поединечно).  Понатаму, и покрај тоа што во конкурсот има фолклорна дејност, во селекцијата под музичка дејност има проекти кои се бават со народната музика и фолклорот. Компаративно гледано, „Skupi Kamerfest“ е финансиран со 1.020.000, Лира Фест 2023 со 1.020.000, „Сцена на Албанска Сериозна Музика“ со 1.020.000, тука е и „Промоција на легендарни песни и свечен концерт со албанските поп-рок легенди“ со 260.000, додека легендарниот поп фестивал „Макфест“ со само 204.000. Она кое мене ме засега е фестивалот во организација на Културно информативниот центар – Скопје „Звукот на Скопје“ (попознат како Звуците на чаршијата), кој се случува 17 години наназад, а на кој минатата година настапи ултрапопуларната Констракта, е поддржан со оскудни 102.000. Чешлајќи ги листите по дејности можеме да набројуваме и компарираме вака до бескрај, но не е тоа поентата.

Прашањето кое треба следно да си го поставиме е:  како стигнавме до оваа состојба?

Уметниците треба да бидат критичната острица кога се во прашање социјалните промени, кога треба да еволуираме кон подобри социјални услови, особено кога сме во ваков безизлез, притиснати од хибридниот режим, како што сме 8 години наназад. Но, токму тие (со чест на исклучоците) реагираат еднаш годишно, кога нема да се задоволни со поддршката на власта, игнорирајќи ги општествените прашања кои сите не засегаат, а ги има подоста (јазик, идентитет, загадување, корупција, здравство…). Очигледно е и дека дел од проектите се евалуирани во однос на нивното одработување за „северна“ во рамките на таканаречената „шарена револуција“, додека проекти поврзани со македонскиот идентитет, култура и традиција се занемаруваат или минимизираат. 

За крај, да се запрашаме што и како понатаму при вакви деградирачки културни политики и кои ни се опциите?

Една опција е независност преку принципот на самоодржливост и самоодржливи проекти, кои би функционирале самостојно на пазарот. Меѓутоа кај нас тоа тешко (практично невозможно) може да профункционира. За да стигнеме до тој момент потребна е публика, а за да се создаде стабилна и едуцирана публика, која ќе ги поддржува т.е. „финансира“ тие проекти потреба е културна едукација. Што во случајов немаме. Така што, проблемот е повеќеслоен и бара конзистентна и долготрајна културна политика.

Друга и наједноставна опција (во моментов најпожелна за сите) е промена на безидејната власт и замена на какистократијата која владее 30 години (со нас, со општеството, со финансиите, со културата…), со нови генерации млади, едуцирани, неиндоктринирани политичари, со строги критериуми, волни да го променат општеството по сериозни параметри и светски стандарди. Веројатно само така културата (воедно и образованието) ќе бидат ставени на пиедестал и ќе им се даде потребното значење и заслулженото место во општеството.