Антикорупциската отвора предмет за изградбата на автопатите

Антикорупциската комисија отвора предмет за надзорот на изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 што го доби компанијата ИРД, а како подизведувачи се избрани уште три компании.

Според ДКСК, треба да се проверат информациите пласирани во медиумите дека фирмата „Ептиса“, која е една од подизведувачите, имала забрана од државата за да не биде ангажирана на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување, но пред тендерот Владата ја поништила таа забрана.

Од таму велат дека ќе треба време за да се обезбедат сите документи затоа што се работи за огромен тендер.

„Ако се има предвид фактот дека е огромен тендер со голема вредност, мислам дека вреди да се почека да се добие таа документација и дополнително потребно е време за нејзино анализирање. Тие се странски фирми за кои нашето истражување по нив ќе биде малку ограничено. Доколку има потреба ќе се потрудиме да најдеме и дополнителни податоци“ – изјави Катица Николовска, член на ДКСК за „Сител“.