Додик: Амбасадата на САД поддржува оружен бунт на муслиманите во БиХ
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека амбасадата на САД во Босна и Херцеговина „поддржува идеја за оружен бунт во БиХ“, кој, како што рече, би го извеле „муслиманите, со американско оружје“.
„Од пасивни набљудувачи на фундаменталистичките ставови на (поглаварот на Исламската заедница во БиХ Хусеин) Кавазовиќ, американската амбасада тргна во отворена одбрана на првиот муслиман во БиХ. Само што јас лично мислам дека тие не го бранат Кавазовиќ, туку идејата за оружен бунт, кој би го извеле муслиманите, со што друго, ако не со американско оружје“, објавено е на официјалниот сајт на Додик.
Претседателот на Република Српска оцени дека американската амбасада во Сараево „повторно се пресметува“ со него и „наместо јасна осуда на повиците на оружје на реисот – што би бил цивилизираниот гест на една амбасада, на општо изненадување се гледа одбрана на ставовите на Кавазовиќ“.
Амбасадата на САД во БиХ вчера соопшти дека изјавите и реакциите кои доминираат во БиХ се длабоко деструктивни за таа земја и нејзиното општество и дека е особено разочарувачко кога кој било верски лидер спомнува или се заканува со насилство како решение на проблемите во БиХ.
„Сугестијата дека постои поголема потреба за „мир и толеранција“ во БиХ е добра, но оваа препорака мора еднакво да се примени на политичките лидери на БиХ, како и на нејзините верски лидери, и ништо помалку на претседателот на Република Српска Милорад Додик“, наведе амбасадата на САД во БиХ по повод изјавата на поглаварот на ИЗ во БиХ дека „земјата треба да се брани со оружје, ако паднат институциите на БиХ“.
Според Додик „поради ваквото соопштение во која било минимално сериозна земја амбасадорот би бил повикан на консултации, некаде дури и избркан“.Само во БиХ странски дипломат поттикнува конфликти, поддржува јазик на омраза дури и на верски поглавар, и останува дипломат“.
Според Преседателот на Република Српска, амбасадата на САД во БиХ молчела „кога од исламската верска заедница доаѓале навреди на сметка на православците, па и неодамна од џамија во Република Српска“.