АктуелноЛокално

Дилема: Бугарите во Устав или изградба на Чебрен и Галиште?!

Можеби насловот делува чудно и нелогично, но во моментов дилемата која е испровоцирана од власта за опстанок на Македонија е таа.

Власта нѐ убедува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е од круцијално значење за опстанок на државата, додека јас сум убеден дека изградбата на Чебрен и Галиште, како и сите останати потенцијали за производство на електрична енергија од ветер, вода и сонце, со буџетски пари, е од егзистенционално значење за Македонија.

Аргументите на власта и сите еуфундаменталисти од останатите партии, кои воедно се застапници на првата теза од дилемата, се дека влезот на Македонија во Европската унија ќе ја реши сиромаштијата, лошото образование и здравство, корумпираниот правосуден систем, како и недостатокот на енергенси, а сето ова зависи од внесувањето на Бугарите во уставот, кој според нив е последната пречка до идилата на македонските граѓани.

Дали овие аргументи се издржани? Сигурно НЕ!

Со сигурност тврдам дека влезот на Македонија во ЕУ нема да реши ниту еден од овие проблеми, бидејќи земја со вакви аномалии нема никакви шанси да биде примена во ЕУ. Доказ за тоа е и самиот процес на преговори во кој земјата аспирант мора предходно да ги реши сите овие недостатоци и потоа да се приклучи кон заедницата.

Дали досегашните политички елити, кои практикуваат власт повеќе од 30 години, имаат капацитет и политичка волја да ги решат овие аномалии? Сигурно НЕ!

Заклучокот е дека, внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е политика на власта од типот „купи ден помини“ и не ѐ никаков услов за приближување на државата кон ЕУ.

Внесувањето на Бугарите во уставот е провидна мантра со која сака да се предизвика хипноза кај граѓаните дека само шо не сме влегле во ЕУ и само што не почнале да пристигаат грантови, како и дека таму, во ЕУ, нѐ чекаат торби со „пари без мотика“, а во меѓувреме моќниците безмилосно ја разнебитуваат државата како политички, така и финансиски.

Дури, врз основа на оваа небулоза „Бугари во Устав“, се формира и „европска коалиција“ од парламентарни партии која во суштина не е ништо друго, туку збирштини на лукративни и сервилни поединци вгнездени во политичките раководства на партиите, кои се заинтересирани само за лична добробит и моќ.

Сите што се надвор од оваа квази „европска коалиција“, се етикетираат со небулозни етикети дека се анти ЕУ, проруски инсталации, деструктивни елементи и тн.

Според горенаведеното, со внесување на Бугарите во уставот, Македонија нема да биде поблиску до влез во ЕУ.

Толку за првата теза од дилемата.

Не треба човек да е експерт или посебно информиран за да не му биде видливо дека во блиска иднина побарувачката на електрична енергија неколкукратно ќе се зголеми. Причините се повеќе. Една од побитните причини е фактот дека целата автомобилска индустрија ги исфрла моторите на фосилни горива и се преориентира на електромотори, а воедно во ек е затварањето на сите производствени капацитети за електрична енергија кои користат јаглен, поради заштита на животната средина. Во догледна иднина треба да заборавиме на рускиот гас поради сервилната политиката на власта на “безалтернативност“ и бранење на туѓи, за нас, небитни интереси.

Светот е фокусиран во инвестирање во производствени капацитети кои како ресурс користат обновливи извори на енергија и тоа вода, ветер и сонце. Истовремено, сериозно се работи на технологии за складирање на произведената електричната енергија, сѐ со цел за нејзино оптимално користење.

Држава која нема да ги следи овие трендови ќе ја изгуби својата независност, а со тоа и условите да биде држава!

Што презема власта во Македонија во однос на ова прашање? Буквално НИШТО!

Напротив, со нејзините последни потези свесно или несвесно ја втурнува државата во енергетска зависност или поточно нѐ носи по патот да ја изгубиме државата.

Некој ќе праша, а што тоа направи власта да е толку фатално?

Фатални потези има премногу, но ќе ги издвојам најбитните.

Фатално е тоа што ги дадоа под концесија неколкуте локации каде има одлични параметри да се изградат ветерни паркови во сопственост на државата. Сега ги градат приватници и со тоа од тие локации државата и народот ќе нема никакво фајде.

Фатално е тоа што на продажба е даден цел слив на Црна река, последниот сериозен воден потенцијал во Македонија, заедно со ХЕЦ Тиквеш. На истиов овој слив се наоѓаат локациите на Чебрен и Галиште кои се единствените локации каде може да се изгради капацитет кој истовремено може да произведува и да складира електрична енергија, односно реверзибилна хидро електрана.

Фатално е што власта одлучи да вложува во гасна централа во Грција, надвор од границите на Македонија, која ќе нѐ чини скоро дупло поскапо, а дополнително Грците ќе ја користат топлата вода која е производ од работата на централата.

Фатално е тоа што за приватни профити се пренаменува обработливо земјиште за изградба на фотоволтажни ценрали.

Фатален е „терминолошкиот бандитизам“ на власта, каде „домашното“ го поистоветува со „државното“ производство на електрична енергија и со тоа ги замајува граѓаните дека нешто презема државата во правец на енергетска независност.

Фатално е што на крај памет на власта не и доаѓа да почне да вложува во складишта на електрична енергија.

Фатално е што на крај памет на власта не и доаѓа, да почне да вложува во мини атомски централи и со тоа да ја обезбеди сигурноста во базната енергија.

Фатално е што власта воопшто нема ниту цел, ниту визија на каде се движи светот и потребата од сигурно ДРЖАВНО производство и складирање на електричната енергија.

Небулозите од типот „ќе има вишоци на струја преку ден поради многуте фотоволтажни централи и цената ќе е ниска“ се надвор од умот ако се знае претходно дека потребите за електрична енергија ќе се триплираат поради новите технологии кон кои се стреми светот.

Да  заклучам. Со внесување на Бугарите во уставот нема да помрднеме ни милиметар кон ЕУ и задржување на независноста на државата, но со вложување во Чебрен и Галиште, како и останатите горепосочени проекти, имаме големи шанси да си ја задржиме независноста на државата Македонија, а со тоа и да станеме посакуван партнер на ЕУ, а дали ќе се приклучиме тоа ќе го кажат граѓаните на референдум.