Левица ќе поддржи оризовата арпа да биде опфатена во стоковните резерви
- Соопштение на Левица – Земјоделски Сектор
Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за стоковни резерви, се наоѓа во собраниска процедура и треба да биде донесен по скратена постапка. Стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во Република Македонија. Оризот како култура е погоден за употреба во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди и еколошки катастрофи, а досега не беше опфатен со Законот.
Целта е да се опфати оризот како производ од исклучително значење и да се создадат услови за негово чување како стоковни резерви во вид на оризова арпа, со што ќе се обезбеди поголема сигурност во снабдувањето на населението во кризни и вонредни ситуациии, а може да влијае и како стабилизатор на цените, ако тоа е потребно.
Производителите на ориз велат дека имаат доволно складиштен простор за да одговорат на законската регулатива, во име на државата да чуваат стоковни резерви. Со донесување на измените на Законот за стоковни резерви, наредната реколта ќе се откупува ориз и од страна на државата, што претставува добра вест за земјоделците.
Освен забелешката дека во Предлог законот не е доставен и Образецот за проценка на фискалните импликации кои ќе бидат предизвикани со складирање, чување и обновување на стоковните резерви, а за кои Агенцијата треба да им исплати надомест на складиштарите во висина на стварно направените трошоци, Левица како партија која е секогаш на страната на работниците и земјоделците, ќе го поддржи овој предлог закон, за да им обезбеди сигурен откуп на производителите, дополнителен приход за оризопроизводителите кои ќе чуваат стоковни резерви во име на државата и стабилизирање на цената во кризни ситуации.