АктуелноЕУЛокално

Драстичен пад на поддршката за ЕУ во Македонија

Односот на Европската унија (ЕУ) кон Македонија се влошува, Бугарија и е најголемиот непријател на земјата, а таа се движи во погрешна насока. Ова го сметаат најголем процент од граѓаните во анкетата на „Евротинк“ спроведена од агенцијата „Брима“ во периодот од 12 до 27 декември 2022 година, на репрезентативен примерок од 1.006 испитаници.

Освен движење на земјата во погрешна насока, што го сметаат 72 проценти од испитаниците, дури 61 процент од нив сметаат дека во земјава нема демократија, а зад нив не заостанува бројката на оние кои не веруваат во борбата на инстуциите со корупцијата.

„Со оценка 1 и 2, најниските оценки, на скала од 1 до 5, 70 проценти од испитаниците, значи 51 процент дале оценка 1 – потполно лошо ја водат борбата против корупцијата, оценка 2 – 20 проценти од испитаниците“, вели Александар Стојановски, од „Евротинк“.

Мерењето на јавното мислење покажало дека трета година по ред се намалува довербата на граѓаните во институциите. И оваа година најголема доверба се уште ужива Армијата, но кај која падот на довербата за две години е дури 24 проценти.

„Најниско, повторно оваа година, довербата е најниска кај обвинителството и судството. Кај судството е шест проценти, кај обвинителството е седум проценти“, информираше Стојановски.

На темата Македонија – ЕУ испитаниците се уште во најголем процент – 49, сметаат дека членството во Унијата би била добра работа, но тоа е дури 20 проценти помалку поддршка споредено со лани и најниска од 2014 година.

„Имаме рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон Европската унија. На прашањето – каков е односот на ЕУ кон Македонија – највисоки 65 проценти сметаат дека односот е нефер, надмен и уценувачки“, информираше Димитар Николовски, од „Евротинк“.

Драстично опаднат е бројот и на оние кои сметаат дека во идните пет години би влегле во Унијата од 32 проценти 2021, на само 12 проценти во 2022 година, додека 29 проценти сметаат дека тоа никогаш нема да се случи.

Граѓаните биле прашани и за уставните измени – дали ќе се случат оваа година и резултатот е нерешен 38 рекле да и 39 проценти не.

Анкетата ја измерила и загриженоста на граѓаните дали некоја држава или меѓународна организација претставува закана за Македонија. Граѓаните за најголема закана ја сметаат Бугарија со 27,6 проценти, зад која е Русија со четири проценти, додека најголем пријател меѓу државите граѓаните ја сметаат Србија со 37 процнти, па САД со 11, 4 проценти.

Преземено од: Телма