Крмов: И покрај сите притисоци и заплашувања Левица нема попуштено пред своите принципи
Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, во своето гостување се осврна на нападите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ против Левица изминатиов период.
Од страна на СДСМ има цела кампања против Левица и во суштина целиот вординг, сите соопштенија кои ги пушташе СДСМ не се променети. Јас не знам колку пари ја платиле таа агенција да им ја организира кампањата, очигледно дека не е доволна или пак луѓето од агенцијата не се доволно стручни, бидејќи како папагал буквално ги повторуваат истите соопштенија секој ден.
Од друга страна, кампањата на ВМРО-ДПМНЕ против Левица што на социјалните мрежи е присутна деновиве мене ми е жална и смешна, морам да кажам. Кога ќе земете дека на двете најголеми партии не сме им миленици, а тука се и ДУИ, тоа е најголемиот доказ зошто Левица всушност е неутрална и независна партија. Значи Левица е единствениот независен, автентичен политички субјект. Кога имате политичка култура на криминал и корупција, чесниот фактички ќе штрчи и сега имате еден вид мобилизација на целото тело на политичкиот спектар да го исфрли страното тело, а тоа е Левица.
Таа е единствена политичка опција чиишто функционери и членови веруваат во идеја, што не се дојдени за фотелји, што не се дојдени за пари за корупција, како што е во другите партии.
Крмов се осврна и на функционирањето на Левица, при што истакна дека иако им пречи на поголемите политички партии, сепак кадрите на Левица не попуштаат пред поставените принципи.
Левица суштински се разликува од другите партии, се разликува и по својата структура, и организационо и кадровски. Нашите членови не се татини и мамини синови и ќерки, нашите се деца на транзицијата. Тоа се луѓе коишто не можат својот пат да го најдат во државата, решиле да не се иселат и сега се решаваат да дадат отпор, а Левица е мрежата којашто го собира целиот отпор и го усмерува политички.
Ние имаме два пратеници и имаме околу 50 советници и сите сме биле ставени на тест, дали физички, дали со обиди за поткуп, со обиди за заплашување и притисоци. Ние досега немаме попуштено ни милиметар во нашите принципи. Требаше триесет години да поминат за да се истроши овој систем од 1991 година. Едноставно луѓето имаа можеби надеж во другите парламентарни партии, сега тоа веќе го нема ние сме единствената светла точка така да и времето ни е дојдено едно сме структурално поразлични и друго дојдено е времето за баш ваква партија не за овие буржоаски партии. – истакна пратеникот од Левица.