АктуелноЛокално

Драги Бугари, добредојдени сте на гробот на Гоце Делчев, а ве каниме и во Ваташа

Некому му е потребено заострување на релација Скопје – Софија. Имам еден предлог, кој можеби би ја смирил ситуацијата и би донел некаков ред во односите на двете земји. Ако се одбележува заеднички, тогаш тоа да се прави за сè, односно на сите датуми што произлегуваат од т.н. заедничка историја.

Никогаш не ми бил јасен меѓудржавниот договор на Македонија и на Бугарија за заедничко чествување на историски личности и за заедничко одбележување празници и важни датуми од историјата. Дали тоа значи дека двете страни ќе ги чествуваат заедно сите великани од минатото без исклучок или имаат право да избираат на чиј гроб ќе положат цвеќе?

Голем немир во нашата јавност предизвика најавената заедничка прослава на роденденот на Гоце Делчев во Скопје. Годинава сe навршуваат 151 година од раѓањето на револуционерот, а државниот врв стравува дека евентуалните провокации од Софија, слични на оние од пред некој ден кога се чествуваше Мара Бунева, би можеле да ја загрозат стабилноста на држава. Стравувањата одат дотаму што Советот за национална безбедност на Македонија некни заседаваше цели три часа, а безмалку целото време било потрошено на планираното чествување на гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, закажано за 4 февруари.

Претседателот Стево Пендаровски посочи дека настанот е од висок безбедносен ризик. Тој додаде и дека пред Советот реферирале директорите на безбедносните служби, кои најавиле дека се очекува на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев во нашиот главен град да пристигне и организирана група од Бугарија, што би можело да доведе до тензија, но и до отворен судир со домашните почитувачи на ликот и делото на великанот.

Да потсетам дека Гоце Делчев е само една од личностите во историјата, за која Бугарите тврдат дека е нивна. Односно дека е дел од бугарскиот национален корпус и дека е дел од бугарската историја или, да бидеме прецизни, дел од т.н. заедничка историја на Бугарија и на Македонија.

Значи не е Гоце единствениот – се „кршат копја“ и околу Кирил и Методиј, преку Климент и Наум до Цар Самоил и Гаврило Радомир во средниот век, до нововековните револуционери и преродбеници. Тоа се однесува на сите имиња впишани во македонската химна и без исклучок на секоја историска личност од илинденската епопеја. Бугарската историографија е немилосрдна кога се во прашање најголемите македонски херои, затоа ќе повторам дека никогаш не ми била до крај јасна одлуката на нашиот државен врв да се согласи на заедничкото чествување со бугарската страна. Но, тоа и не е толку битно.

Битното во моментов е навремено да се предвиди какви сè провокации се подготвуваат и решително да се реагира за да се избегнат инциденти и, не дај Боже, физички насилства. Инаку, лесно може да се процени од секојдневните активности на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, дека некој го „пуштил на најјако“, очигледно со намера да ја потпалува атмосферата во пресрет на 4 февруари и најавениот настан во Скопје.


Од некоја причина некому му е потребено заострување на односите на релација Скопје и Софија, а организираната група од Софија можеби е само курбанот што треба да се даде за непријателството да се формализира.

Затоа имам еден предлог, кој можеби би ја смирил ситуацијата и би донел некаков ред во односите на двете земји. Ако се одбележува заеднички, тогаш тоа да се прави за сè, односно на сите датуми што произлегуваат од т.н. заедничка историја. Па од роденденот на Гоце да се скокне до Ваташа и заеднички да се положи цвеќе на гробот на убиените младинци, кои страдаа од бугарскиот окупатор.

Може и да се отпатува до с. Долгаец и на другите места каде што историчарите детално ги имаат забележано масакрите и масовните убиства на Македонците од страна на Бугарите во окупациите за време на двете светски војни. Не е лошо да се чествува и на гробовите на Стив Наумов, Кузман Јосифовски Питу, Цветан Димов и на сите останати македонски револуционери што се убиени од страна на бугарските „администратори“, поради нивната ослободителна активност. Претпоставувам и дека терминот заедничка историја се однесува токму на овие две окупации, бидејќи друг период во историјата во кој Македонците и Бугарите живееле заедно нема.

Затоа без многу помпа, ајде заедно и организирано да ги посетиме сите „заеднички“ гробишта во Македонија. Обиколката би можела да заврши во Музејот на холокаустот на македонските Евреи во Скопје. Таму гостите од Софија ќе имаат ретка можност на пример да видат како изгледале вагоните од нивната железница во 1943 година. Ветувам дека ќе биде поучно.