АктуелноЛокално

17 модуларни болници оставени да пропаѓаат – Државата нема план што да прави со нив

Едни прокапуваат, други фаќаат пајажини а само мал број се во функција на пациентите. Ваква е моменталната состојба на модуларните болници кои ја чинеа државата околу 4 милиони евра и беа поставени во 17 здравствени установи со првична намена за ковид 19. Бидејќи има малку заболени од пандемискиот вирус, овие монтажни објекти со месеци се под клуч.

Од Министерството за здравство ни одговорија дека биле примопредадени на трајно користење, додека, пак, менаџери на болници чекаат насоки од здравствените власти кога можат да планираат други намени на просторот.

Најалармантен е објектот во Охрид каде има дефект на покривната конструкција и чекаат од МЗ кога ќе биде саниран.

Во Струга прават анализи за што можат да го пренаменат а под клуч е и модуларната  болница во Струмица каде велат дека може да послужи за амбулантски дел. План има и директорот на штипската болница, но чека да не дојде до наплив на ковид пациенти.

Тетовската модуларна болница имаше трагични последици и во неа изгореа 14 пациенти кои беа на лекување од Ковид 19. Тоа резултираше и со вонредни контроли во сите објекти од ваков карактер во државата.

Кога беше поставувањето на монтажните објекти до болниците, тогашниот министер за здравство изјави дека намената нема да им биде само за ковид туку и за други здравствени услуги.