Просечната плата е инструмент за прикривање на нискиот животен стандард и сиромаштијата
Просечната плата е инструмент за прикривање на нискиот животен стандард и сиромаштијата, велат од финансискиот сектор на Левица.
– Државниот завод за статистика соопшти дека просечната исплатена нето-плата по вработен во октомври 2022 година, изнесува 33.104 денари. Иако е повисока во однос на истиот месец од претходната година., поради инфлаторните движења, реалната просечна месечна исплатена нето-плата е далеку пониска.
Просечната плата воопшто не ја прикажува вистинската слика за висината на платите. Само 25 отсто од вработените во Македонија земаат плата повисока од просечната. Највисока е во Секторот информации и комуникации – компјутерско програмирање во износ од 83.897 денари, а најниска е во административните и помошни услужни дејности – заштитни и истражни дејности, во износ од 18.469 денари.
Доколку не се промени методологијата и не се пресметува средна плата која ги зема предвид не само примањата на работниците, туку и процентот на вработени кои земаат определена сума пари, погрешно ќе се прикаже куповната моќ на граѓаните, затоа што просечната плата е многу повисока од средната.
Покрај тоа што животниот стандард нереално се прикажува повисок и ја прикрива сиромаштијата, овој показател на годишно ниво се користи како основица за пресметување на платите на функционерите, а со тоа се овозможува зголемување на нивните примања, кои по автоматизам се покачуваат на почетокот на годината, поради повисоко пресметани просечни плати. – велат од Левица.