„Опсидијан“ – Изложба на Бурџу Мусли – во КСП Јадро
Вечерва (20 часот) во Културно-социјалниот центар Јадро во Скопје ќе биде отворена изложба на дигитални дела и арт колажи, насловена „Опсидијан“ на Бурџу Мусли. Бурџу Мусли е млада ликовна уметничка, дипломирана сликарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Покрај тоа што слика, се занимава со дигитална уметност, фоторафија и создава арт колажи.
Нејзината уметност како што знае да биде забавна и шарена, понекогаш е меланхолична, мистериозна, бунтовна и лута. Уметничката оваа изложба ја доживува како скапоцениот камен – обсидијан, кој е со сета моќ на вселената и кој го подарува на сите жени кои се “заробени” и имаат потреба од силата на овој камен.
Обсидијан е Камен со вулканско потекло и поврзан со енергијата на правдата. Каменот го нарекуваат „спасител”. Ги штити своите сопственици од темни магични влијанија, лоша љубов, како и од грешни мисли и дела. Обсидијан го раствора гневот и носи голема витална сила. Овозможува да се регулираат механизмите на расудување кон другите, како и кон себе. Тоа овозможува да се пробуди темниот дел од битието, но, исто така, и светлиот дел. Рамнотежа помеѓу двата дела, без да се суди едниот во однос на другиот.
Има учествувано на многу групни изложби со нејзините слики и дигитални дела и реализирано две самостојни изложби со арт-колажи, од кои едната беше во Младински Културен Центар (2020), а другата во турската чаршија, со организацијата „Млади за Скопје” (2021) .