АктуелноЛокално

По иницијатива на Левица Уставен суд одлучува дали пратениците имаат право за надоместок на патни трошоци

Пратениците од Политичка партија Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов ги оспорија точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина. Оваа иницијатива денес е на дневен ред на Уставниот суд.

„Според наводите во иницијативата оспорените точки 3 и 4 од Одлуката биле во спротивност со уставниот принцип на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3), член 32 став 5 од Уставот според кој остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, уставното на начело на уставност и законитост (член 51) и член 64 став 6 од Уставот во кој е уредено дека пратеникот има право на надомест утврден со закон, како и со одредби од Законот за пратениците и членот 7 од Законот за Собранието на Република Македонија.

Меѓу другото, подносителите на иницијативата сметаат дека Законот за пратениците и Законот за Собранието на Република Македонија предвидуваaт дека извршувањето на функцијата пратеник вклучува инкомпатибилно извршување на општествената активност која е строго утврдена и темелена на уставни и законски принципи и истата предизвикува уставни и законски обврски и права. За извршената општествена должност и придонесот кон заедницата, пратеникот добива плата и надоместок на плата.

Законот за пратениците таксативно ги наведува личните приходи и надоместоци на трошоците на кои пратеникот има право, се наведува во иницијативата. Според подносителите, во член 31 став 1 од Законот за пратеници, е јасен и дециден, законодавецот никаде не предвидел плус дополнителен надоместок на трошоците за исплатените патарини, туку само надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар за возилото кое се користи. Согласно наведените уставни одредби, во наводите на иницијативата се наведува дека надоместокот на трошоци за патарина, во ниту еден случај не би можел да биде предвиден со подзаконски акт, туку може да биде предмет само на законски одредби.

Според наводите во иницијативата, со оспорените точки од Одлуката се нарушува системот на нормативна хиерархија и конзистентноста на уставниот поредок и согласноста на подзаконските акти со законите и Уставот.

Оттука, подносителите наведуваат дека оспорениот подзаконски акт го руши принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и правната сигурност на граѓаните како дел од фундаменталното начело на владеењето на правото.

Понатаму, според подносителите на иницијативата, Собранието со носење на оспорената комисиска одлука донесена на седница на кадровско работно тело составено само од 13 пратеници излегува од рамките дадени во Уставот и наведените закони предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина којшто надоместок како таков воопшто не бил предвиден ниту со Устав ниту со закон“, стои во соопштението.