АктуелноЛокалноСтав

Предавник

  • Пишува Игор Смилев – советник во Општина Вeлес од Политичката Партија Левица

Предавник

Вид збор: Именка, машки род

Ранг: 4437

Тој што врши предавство.

Англиски: traitor Албански: tradhtar

Примери:

Предавник на нашето дело.

Предавниците ќе бидат изведени на суд

Изведенки

предавница ж.

мн. Предавници

Накусо, вака изгледа именката од машки род што ја употребив во еден мој фејсбук пост, по што станав предмет за обработка на Основното Јавно Обвинителство во Велес. Дека каменот одблизу доаѓа, се потврдува со фактот што, пријавата против мене, до МВР а оттаму до ОЈО Велес, ја поднесе мојот матичен лекар, чуварот на моето здравје, почитуваниот и способен интернист, истовремено тешко поразен кандидат за градоначалник на Општина Велес и ретко неспособен политичар, г-дин Ненад Коциќ.

Морате да ми верувате дека ме обзеде неописива радост кога на мојата домашна адреса стигна поканата за распит во МВР и поканата за давање на изјава во ОЈО како осомничен. Баш во моментите кога како секој нормале човек во Македонија се убедив дека во оваа држава ама баш ништо не функционора, МВР и ОЈО ми ја вратија надежта. Како што Исус му рече на Лазара „Стани од гробот“ и овој го послуша, така и јас станав од топлиот конфор на мојот дом и се запатив во правец на независните институции кои постојат само и исклучиво за благодетта на граѓаните, тргнав на испитување.

Сметав дека токму овие моменти се мојата шанса за на стручните лица од МВР И ОЈО со исказ да им посочам за изречени смртни закани кон мојот лик и дело од страна на висок член на ДУИ од Велес, да им посочам низа социјалномрежни написи во кои сум навредуван, исмеван, подбиван и вознемируван, со цел споменатите институции да ја добијат целосната слика за приказната. На изненадувањето му немаше крај, кога сфатив дека во моментот моето постоење е неважно, моите зборови исто така, иако за она што го тврдев поседував и писмена документација уредно пријавена, заверена и фотокопирана баш во споменатите институции!

Не па Не! Важен бил само мојот матичен лекар, д-р Ненад Коциќ, за кого сум напишал дека е предавник, поради тоа што гласал ЗА протоколот со Бугарија во Македонскиот Парламент.
И на службениците таму, а и вам од оваа страна на дисплејот од кој го читате овој текст, јасно и гласно им предочив, дека јас не познавам друг термин со што би го опишал чинот на гласање на несреќниот „Протокол“ со Бугарија.
Како што можете да видите на почетокот од текстот, тоа си е тоа….

Создавачот на дигиталниот речник на Македонскиот јазик, како да гледал токму во Ненад Коциќ кога го образложувал терминот „Предавник“ (видно од приложеното), со што процентот на мојата евентуална вина е сведена на статистичка грешка. Разликата е само во тоа што (исто како во „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел) во светот на животните, сите животни биле еднакви, а само лавот бил малку поеднаков од другите. Така што, како заклучок се наметнува состојбата во која сите можат да го користат терминот „предавник“, но, само ако се искористи во контекст на мојот матичен доктор Коциќ, тогаш и само тогаш МВР и ОЈО како попарени се фаќаат за работа !

Чекајте малку другари ! А како вие на пример, би го нарекле човекот кој (заедно со уште шеесеттина други) крева две прстиња за донесување на одлука со која директно им штети на интересите на Македонија ? Како молам …?! Точно! Имате две опции, или „предавник“ или Ненад Коциќ,  бидејќи во случајов тоа е исто.

Конечно се согласивме.

Би сакал да ве информирам дека после завршените испитувања и претпроцесни дејствија, веднаш се упатив на лекарски преглед, кај мојот матичен доктор, за да добијам упат за психијатриски преглед, кој ми беше потребен како рефлексија од штотуку завршените иследувања во споменатите институции.  Упатот ми беше даден, прегледот беше извршен. Јас сум си останал ментално здрав (додуша малку вознемирен и конфузен), а мојот матичен доктор Коциќ….си останал…..знаете веќе !

Психијатриски прегледан, и ментално здрав.

Ваш,

Игор Смилев