Ладна вода, ладни радијатори, живо месо, исклучена струја – студентите се жалат на условите во студентските домови

Енергетската криза предизвикана од неспособното владеење на СДСМ и ДУИ, доведе до ескалација на условите за живеење во студентските домови ширум државава.

Исклучени лифтови, решоа и фрижидери. Ладна вода, ладни радијатори, влегување и вршење контрола по собите без дозвола за проверување дали се користи греалка и слични притисоци се само дел од нештата со кои се соочуваат студентите во повеќе студентските домови.

„Ситуацијата во врска со студентските домови е навистина лоша. Нема човечки услови за живот. Не можеме да извршеме физиолошка потреба заради тоалетите кои се во многу лоша состојба. Парно и топла вода немаме. Решо и калорифер ни е забрането да користиме, додека управата си ги употребува. За какво штедење и правда говориме, кога студентите се само оние кои страдаат” – вели студент од студентскиот дом „Стив Наумов” кој сакаше да остане анонимен поради можноста за санкции и исклучување од домот доколку се открие идентитетот.

„Лифтовите се нонстоп расипани, решоата и фрижидерите ни ги исклучија, забрането е да користиме секакви апарати во собата, па дури и за пегла прават проблем. Деновиве шетаат по соби и проверуваат низ нашите шкафови и под кревети дали криеме греалка, а ако нема никој во собата, сами си влегуваат. Интернет нема, а прават проблеми и рутер да имаш ставено”- раскажува друг студент од студентскиот дом „Гоце Делчев” во Скопје.

Нашата редакција направи истражување дали ваквите репресивни мерки кои се користат се законски и не успеа да најде ниту една законска регулатива, или одредба од владата каде што ова е дозволиво. Имено, управителите и раководните лица на студентските домови произволно ја толкуваат насоката за штедење од владата и незаконски вршат репресививни мерки врз студентите.

Меѓудругото покрај овие проблеми студентите се жалат и на квалитетот на храната.

„Јадењето е катастрофа! За ручек не можам да се пожалам зашто 90 отсто од времето е во ред, освен што количински е малку, ама за појадок и вечера како мајтап да си прават со нас. Вчера и денес дури и скиснат јогурт ни даваа. Ужина имавме, но сега ја нема. Кој стигнал зел вечера, кој не, што останало. Месото многу пати е живо, особено кога има метеж” – додава еден студент.

Од МОН и од Владата нема никакви најави ниту реакција за моменталните услови во кои се наоѓаат студентите и во прашање е доведено опстојувањето со оглед на тоа дека претстои зима, а институциите се неми.