Демонстрантите во Буркина Фасо ја запалија француската амбасада
Демонстранти ја нападнаа и запалија француската амбасада во главниот град на Буркина Фасо, откако приврзаниците на новиот лидер кој дојде на власт со државен удар ја обвинија Франција дека го засолнила соборениот привремен претседател.
Потполковникот Пол Анри Сандаого Дамиба беше сменет доцна во петокот, помалку од девет месеци откако го предводеше пучот во Буркина Фасо, и оттогаш не успеа ефикасно да се спротивстави на растечкото насилство на исламските екстремисти.
„Дамиба се обиде да се повлече во француската воена база Камбоинсин за да подготви контраофанзива за да сее поделби меѓу нашите одбранбени и безбедносни сили“, рече поручник Жан-Батист Кабре, читајќи изјава во име на новото раководство на хунтата.
Видеата што кружат на социјалните мрежи покажуваат како жители држат факели пред француската амбасада, додека други слики покажуваат дел од комплексот во пламен. Во вториот по големина град на Буркина Фасо, Бобо-Диуласо, толпа го нападна и вандализираше Францускиот институт.
„Официјално негираме вмешаност во настаните што се случуваат во Буркина Фасо. Базата во која се наоѓаат француските сили никогаш не го примија Дамиба, ниту пак беше примен во нашата амбасада“, се наведува во изјавата на Француското Министерство за надворешни работи.
Ибрахим Траоре, 34-годишен армиски капетан, беше поставен на чело на државата. По извршениот пуч, тој беше емитуван на државната телевизија во петокот вечерта. Траоре изјави дека тој и неговите луѓе не сакале да наштетат на Дамиба, кој за разлика од другите соборени лидери во регионот, допрва треба да си даде оставка.
Во меѓувреме, Дамиба во неделата официјално се согласи да ја предаде власта на пучистите.
Како што преовладуваше неизвесноста, меѓународната заедница нашироко го осуди соборувањето на Дамиба, кој претходно го собори демократски избраниот претседател на земјата во јануари. Африканската унија и блокот на западноафриканскиот регион познат како „ЕКОВАС“ силно го критикуваа развојот на настаните во оваа земја.
„ЕКОВАС смета дека ова ново преземање е несоодветно во време кога е постигнат напредок“, соопштија од организацијата, повикувајќи се на неодамнешниот договор на Дамиба за враќање на уставниот поредок до јули 2024 година.
Откако ја презеде власта во јануари, Дамиба вети дека ќе стави крај на исламското екстремистичко насилство што принуди 2 милиони луѓе да ги напуштат своите домови во Буркина Фасо. Но, група офицери предводени од Траоре во петокот изјавија дека Дамиба не успеала и дека опасноста не е отстранета. Новото раководство на хунтата најави дека ќе ги ангажира „сите борбени сили повторно да се фокусираат на прашањето за безбедноста и враќањето на интегритетот на територијата“.
Голем дел од армијата на Буркина Фасо, Дамиба го смета за премногу близок со поранешниот колонизатор Франција, која одржува воено присуство во африканскиот регион Сахел под изговор дека се бори против исламските екстремисти. Оние кои го поддржуваат новиот водач Траоре, ја повикаа владата на Буркина Фасо да побара поддршка од Русија.