АктуелноЛокално

Протест на сточарите и земјоделците во Свети Николе

  • Сточарите и земјоделците од овчеполието загрижени за опстанокот. Велат, овчарството е уништено, за две години бројот на овците се намалил за седум илјади, а со најавената мерка за депопулација на свињите во одгледувалиштата од висок ризик, ќе се уништи и свињарството. Од надлежните бараат мерки за спас на сточарството…

Сточари и земјоделци од светиниколскиот регион денеска со земјоделската механизација го изразија својот револт, заради депопулацијата на свињите, кои се одгледуваат во семејните фарми, а се со висок ризик за ширење на африканската свинска чума.

Незадоволните земјоделци и сточари од овој регион го блокираа центарот на градот Свети Николе. Љубе Атанасов од Здружението „Овчеполски фармер“ вели дека имаат вкупно седум барања до ресорното министерство и надлежните институции, меѓу кои итно носење на интервентна мерка во делот на сточарството за запирање на мерката за уништување на свињите, кои не се зафатени со африканска чума.

-Итно носење на интервентна мерка за сточарството и говедарството за зголемување на сточниот фонд, во периодот на 2022 година во Општина Свети Николе се продадоа 4.000 овци. Итна измена на Законот за земјоделско земјиште во кое при распишување на оглас предност ќе имаат земјоделците од Општина Свети Николе, да се укине задолжителното осигурување на посевите, кое делува на субвенциите, да се продолжат договорите за закуп на земјоделско земјиште, вели Атанасов, пренесува МИА.

Меѓу барањата се најдоа и барањата за исплата на субвенциите, но и фотоволтаиците да се поставуваат на земјиште од седма класа, а не на површини од прва, втора, трета или четврта класа, како што тоа почна да станува пракса.

Светиниколските земјоделци бараат продолжување на договорите за закуп на земјиштето на 30 години, а не на пет како што се планира. Доколку не бидат исполнети овие барања, за 10 дена најавија блокада на автопатот Штип – Скопје и Велес – Штип.