АктуелноИнтервјуИнтернационалноСтав

Интервју со светскиот готвач Зоран – „Русите ја сакаат балканската кујна и го обожаваат македонското вино“

Балканската кујна може да се сретне насекаде низ светот, и таа е најдобриот амбасадор за Балканот. Во Симферопол, Крим, во близина на центарот на градот се наоѓа српскиот ресторан Balkan grill, чиј што сопственик Зоран има корени од Србија и од Македонија. Звуците на разни српски и македонски песни ги дочекуваат гостите во ресторанот Balkan grill, а амбиентот и ентериерот овозможуваат секој гостин да го почувствува духот на Балканот. Фотографии од различни цркви и манастари во Србија и Црна Гора, народните носии го надополнуваат амбиентот на ресторанот.

Добра вечер почитуван Зоран. Денес вие сте сопственик на ресторанот Balkan grill во Симферопол, Крим. Вие сте од Србија, но имате врски и со Македонија. Раскажете ни малку повеќе за тоа?

          Добро вечер, јас сум роден во Белград, мајка ми е од Пирот, а татко ми е роден во Куманово! Но дедо ми беше воено лице, и тој служел во Куманово! И така, во Куманово е роден мојот татко. Јас и до ден денес во себе носам дел од Куманово и од Македонија. Имам и пријатели во Македонија, со Алачка сме добри пријатели. Голем поздрав до неа и до сите во Македонија.

Кога и зошто решивте да бидете готвач? Семејна традиција?

Готвач е професијата што ја избравме јас и брат ми Горан, ние сме близнаци. Уште од мали нозе бевме во кујна, нашето семејство е големо, и во нашиот дом постојано се готвеше. Мајка ми Емилија е најдобрата готвачка на светот, а ние цело време и помагавме во кујната. Таа ни ја пренесе љубовта кон готвењето на мене и на брат ми Горан. Нашата судбина да бидеме врвни светски готвачи беше предодредена. Одлуката за запишување во готварско училиште е донесена веќе во 7-мо одделение од основното училиште!

Каде учеше да бидеш готвач? Во која земја? На зидот на вашиот ресторан се изложени голем број на одликувања, награди и сертификати. Какви награди и почести сте добиле за вашата работа и талент како готвач?

Завршив средно угостителство во Белград, по завршувањето на школувањето решивме да одиме на Кипар, каде што стекнавме искуство во италијански ресторан, а јас продолжив да работам на Кипар и ги усовршив другите кујни! После тоа доаѓа времето на мојата преселба во Русија, каде што ја започнувам мојата професионална кариера како готвач! Од Русија бев испратен на школување во добро познатиот Институт во францускиот град Лион, Институтот Пол Бокус! Каде што ја подобрувам својата техника и технологија на познатата француска кујна! Исто така стажирање во ресторани со 3 ѕвезди на Мишелин во Шпанија!

Завршив Факултет за менаџмент за хотелиерство во Русија, а оваа година аплицирав за магистерски студии во Русија од областа на хотелиерството и ресторанот! Сум работел со многу готвачи, имам многу награди од натпревари за готвачи, настапував за Србија, имам награди и високи награди од здруженија на готвачи од Русија, Србија, Казахстан, Словенија, Украина итн.!

Кога се преселивте во Русија и зошто Русија и Крим?

Зошто Русија? Луѓе, култура и религија многу слични на Балканот, во тоа време и одлични услови за работа, како и многу други работи кои влијаеле на моето доаѓање и престој во Русија! Сосема случајно Крим, но овде сум 5 години, сега за сега имам само ресторан во Симферопол, но планирам да отворам и во Санкт Петербург!

За кои познати светски личности, ѕвезди сте готвеле?

Што се однесува до различни личности од светот на спортот, политиката и културата, таму претежно има Руси, бидејќи повеќето години ги поминав тука, секако најголема ѕвезда за која готвев е Марадона, на Светското првенство во фудбал во Русија. Аргентина тогаш играше со Хрватска во Екатерининбург, и Марадона беше на трибините да ги бодри гаучосите. Јас тогаш готвев разни специјалитети за Марадона. Тој ја обожаваше Југославија. Марадона беше голем фудбалер, но и голем човек.

Дали Русите ја сакаат српската и балканската кујна?

Русите ја обожаваат балканската кујна, начинот на кој се служи, меѓу другото, атмосферата, нашиот ресторан е мало гратче, во кое секој гостин мора да се чувствува како дома! Секој наш гостин мора да го почувствува гостопримството и топлината на Балканот. Тоа е приоритет во мојот ресторан.

Гледаме дека во вашиот ресторан се служат македонски вина од винаријата Стоби. Македонските вина овде на Крим се барани и сакани? Како котираат?

Македонските вина се најценети, покрај српските вина, и кримските вина се разбира!  Русите го сакаат Стоби, особено Виларова. Во мојот ресторан служиме разни видови на бело, црвено, и розе вино од винаријата Стоби.