АктуелноЕУЛокално

Евроскептицизмот расте, се повеќе Македонци не очекуваат земјата да стане членка на ЕУ

Фондацијата „Конрад Аденауер“ спроведе истражување на јавното мислење во Македонија, кое беше објавено во публикацијата „30 години надворешна политика и одбрана“. Ова истражување е спроведено во текот на месев август 2022 година на вкупно 1.111 испитаници.

Истражувањето кое се однесуваше на надворешната политика неминовно имаше дел кој се однесува на поддршката кон членството во ЕУ.

За членство на Македонија во ЕУ гласале 63,8%. Според Фондацијата „Конрад Аденауер“, овој процент, иако се уште е многу висок, покажува јасни негативни трендови во однос на првите две децении од независноста. Истражувањата на оваа фондација не се единствените кои укажуваат на постојан пад на поддршката кај Македонците за ЕУ интеграциите.

Што се однесува до т.н. француски предлог за кој претходните истражувања покажаа негативен однос кон ова од над 70% истражувањето на оваа фондација покажува поинакви бројки, но сепак, негативната настроеност е доминантна.

Вкупно 57,1% од граѓаните се изјасниле дека се против „францускиот предлог“, кој беше предуслов за укинување на ветото на Бугарија и почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, наспроти 27,2% кои го прифаќаат, што претставува разлика. од приближно 30 проценти во корист на противниците на овој документ.

Над половина од Македонците се евро-песимисти, додека речиси 30% од испитаниците сметаат дека Македонија никогаш нема да стане полноправна членка на Европската Унија.

На прашањето кога мислат дека Македонија ќе влезе во ЕУ, 28% од испитаниците одговориле дека тоа никогаш нема да се случи, што е најголемата група, додека 23,7% изразиле песимизам со одговорот дека не знаат кога ќе се случи, т.е. дека немаат одговор, – наведува „Конрад Аденауер“.

Иако не ретко се случува домашните политичари пречките за интеграција на земјата во Европската унија да ја посочуваат во соседните држави односно надворешните фактори, сепак истражувањето покажало дека 40% од анкетираните сметаат дека причините за неуспех се кријат во домашните слабости.

Кумулативно, 40.2% од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ ја наоѓаат во домашните слабости наспроти 19.2% кои причините ги наоѓаат во надворешните фактори.